Со симболично сечење на црвена лента од страна на градоначалникот Никола Бакрачески и станарите, денес, се означи завршувањето на зафатите за санација на опожарениот влез во станбената зграда бр. 4 на булеварот  „Туристичка“.

Како што информира градоначалникот  Бакрачески, извршена е замена на електричната инсталација во влезот и во оштетените станови, поставени се нови дигитални броила, нови влезни врати.

–    Со задоволство можам да кажам дека во рекордно краток период беа изведени неколку зафати со кои се овозможи враќање во нормала на  животот на жителите од овој влез. Најголем дел од работите се завршени, се надевам во текот на  наредните два дена ќе се извршат и преостанатиите активности, изјави градоначалникот Бакрачески .

Станарите уште еднаш изразија голема благодарност до градоначалникот, советот и изведувачите за брзата интервенција и помошта  при санацијата на настанатата штета. 

–    Среќни сме што можеме да се вратиме во нашите станови. Овие активности не беа дел од  програмата на градоначалникот за првите 100 дена од неговиот мандат, но еве успеа  да ги  заврши. Ја искажуваме својата благодарност до сите кои беа вклучени во реконструкцијата на влезот, рече Белинда Андоновска, жителка на опожарената зграда.

Пожарот кој изби кај броилата за електрична енергија, со брза интервенција на противпожарната единица од Охрид, беше изгаснат за кратко време. Во санација на настанатата штета беа вклучени  локалната самоуправа , советници, стручни служби и специјализирана фирма од Охрид.

Т.К.