Со три победи, едно реми и пет порази охридските ракометари ја завршија првата полусезона во Супер лигата. Со десет бодови сите освоени на домашен терен првата етапа охриѓани ја минаа на седмата позиција.

Охриѓани за втората полусезона се засилија со стружанецот Горан Димитриовски, но од составот поради повреда недостасуваат Крсте Андоновски и Борче Соколов.
Левото крило Андоновски ќе го прескокне мечот со Преспа додека во трка со време ќе биде Соколов, кој има гипс на раката, а нема скршеница.
– Полека се екипираме и секој си го наоѓа местото во екипата. Голема штета како екипа ни се нанесе со повредите на Крсте Андоновски и Борче Соколов, кој се надевам дека брзо ќе се опорави и ќе ни биде на распологање за в сабота со Преспа во Ресен – потенцираше охридскиот тренер.
Другите ракометари се подготвени за гостувањето во Ресен и најавуваат атак на првите бодови на гостински терен сезонава.
Мх.П.












