Цените на услугите кои се нудат во Охрид се прилично прифатливи како за туристите, така и за охриѓани. Но вообичаено за летниот период, дел од угосителските објекти вршат корекција на истите, а некои одат „предалеку“ и ги зголемуваат неколкукратно.
Странските туристи кои деновиве престојуваат во Охрид велат дека цените на услугите за нивниот стандард се прифатливи, а пред почетокот на сезоната охриѓани немаат замерки на угостителите.
„Ако знам дека во мојата земја треба да издвојам двојно повеќе пари за една обична порачка, тогаш ќе кажам дека тука е евтино за нас. За разлика од приморјето каде цените се далеку повисоки, тука храната е вкусна и по поволна цена.“ – вели холандски турист кој деновиве престојува во Охрид.
Така, во строгиот охридски центар пијалаците кои се нудат во кафулината зависно од местоположбата се движат од 40 денари за кафе и минерална вода, до 80 денари за безалкохолни пијалаци. Домашното пиво во амбалажа од 0,33 литри чини околу 80 денари, а увезното од 120 па нагоре.
Жестоките алкохоли се за нијанса поскапи, па така за чашка водка ќе треба да издвоите 110 денари, а за обоените од 150 па нагоре. Коктелите и егозитичните „освежувачи“ можат да се нарачаат за 200 денари.
Во повеќето охридски ресторани, цената на скарата и брзата храна е неизменета, во некои се забележува зголемување од околу 20 отсто, додека во други е забележително намалувањето. Во строгиот охридски центар, хамбургер ќе ве чини од 80 до 130 денари, гирото околу 120 денари, а голема пица капричиоза 220 денари. Пецивата и слатките се со непроменети цени, а кугла сладодел чини 20 денари.
Од друга страна, охридските плажи се со нешто „посолени“ цени. Најевтино можете да поминете со минерална вода и еспресо за 50 денари, додека ладното макијато и безалкохолните пијалаци ќе ве чинат 80 денари. Цената на домашното пиво воглавно се движи од 90 до 120 денари, а храната е прилично поскапа, па на некои плажи ќе треба да издвоите од 130 до 220 денари за сендвич со плескавица.
Инаку, последното истражување на студент од Факултетот за туризам и угостителство, покажа дека две лица би требало да одвојат 285 евра за седум дневен престој во Охрид во приватно сместување, вклучувајќи ја храната, горивото и останатите трошоци.
O.T.