Изминативе неколку денови во градот можат да се забележат поголеми групи на странски гости кои престојуваат на охридската ривиера. Но сепак, иако календарски летото е веќе започнато, голем дел од приватните сместувачки капацитети кои претежно ги изнајмуваат домашните туристи, зјаат празни.
Оние кои долги години се овој бизнис, сметаат дека на градот му фалат гостите од земјава, кои од година во година ги има во се помал број. Според туристичките работници, потребна е добра промоција на градот не само вон границите на земјава, туку и во нејзините рамки.
„Како и изминатите години, деновиве се чувствува некое благо раздвижување во градот. Но се уште го нема она посакувано ниво од пред две децении, кога Охрид во текот јули беше буквално преполн. Мора да се врати довербата кај туристите, но и со сите сили да се застане во промоција на градот. Повеќе од очигледно е дека ни фалат гостите од земјава, но и оние од соседните земји. Европјаните од година во година ги има во поголем број, но ние кои нудиме приватни сместувачки капацитети некако не ги чувствуваме бенефитите од нив.“ – вели наш сограѓанин.
Ситуацијата најдобро можат да ја проценат охридски кајчари, кои уште од месец мај го запоседнаа охридското крајбрежје. Според нив, оваа сезона не се разликува воопшто од претходната.
„Можеби не нарекуваат најголеми песимисти, но реалноста е таа. Покрај кејот повремено има странски тури, кои ретко се одлучуваат за нашите услуги. Гостите од земјава ги има претежно во викендите и за празниците. Се на се, Охрид треба уште многу да работи за тука да се врати онаа бројка туристи која некогаш ја имаше. Ако има за нас, ќе има за сите.“ – велат охридските кајчари.
Оние охриѓани кои се населени во зградите со викенд-станови, велат дека нивните комшии од другите градови се уште ги нема.
„Знаеле да дојдат и многу порано, а тука да ги пратат децата или пак внуците со друштво. Сега ги нема ниту нив. Кога зградата е полна, тогаш е започната туристичката сезона. Исклучок беше претходниот викенд, кога само неколку станови останаа празни.“ – вели жител од населбата „Охридати“.
Со оглед на високите цени на енергенсите, туристичката такса и бројните трошоци, цените на приватното сместување во Охрид се прилично ниски. Тие варираат зависно од местоположбата и условите кои ги нудат туристичките работници. Така, во централното градско подрачје цените се движат од 350 денари за кревет и од 850 денари па нагоре за двокреветен апартман. Нешто повисоки се цените во стариот дел на градот, но и таму двокреветна соба може да се изнајме од 900 денари па нагоре. Во периферните делови и приградските населби, до соба во објект со една ѕвезда може да се дојде и за 250 денари.
Во овие цени, претежно е вклучена и кабeлска телевизија, интернет, тераса, кујна и бесплатен паркинг простор.
Инаку, според податоците од Секторот за ТЛЕР при општина Охрид, до јуни 2013-та година категоризирани се вкупно 2.051 објект од мал обем со вкупно 12.401 легло.
О.Т.