Централното раководство на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија побарало да биде информирано за сите предложени кадровски решенија во општина Охрид. Како што дознаваме од партиски извори, централата особено била заинтересирана за назначување на првите луѓе на јавните претпријатија во Охрид за што во тек е јавен конкурс.

Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески, пред два дена бил во Скопје на средба со партискиот врв на која присуствувал и Бранко Црвенковски, кој се очекува во мај повторно да застане на чело на СДСМ. Партијата побарала да биде информирана за кадровските решенија во јавните претпријатија, околу кои деновиве во јавноста се плетат разни шпекулации. Највртено име за директор на ЈП „Охридски Комуналец“ е Никола Рилкоски, поранешен пратеник и екс претседател на огранокот во Охрид. Но, наводно тој не бил фаворит на централата во Скопје, од каде како можно решение се споменува Игор Блажески-економист и кандидат за пратеник на вонредните парламентарни избори. Но не е исклучена можноста тоа да биде и сосема друго решение.

Во јавноста се шпекулира и со имињата на идните директори на МЈП „Проаква“ и ЈП „Билјанини извори“. Не се знае дали Бранислав Трпчески и натаму ќе остане на раководната функција во „Проаква“, а јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти и паркинг простор најчесто се споменува дека ќе му припадне на идниот коалиционен партнер во советот. Но тоа е помалку чудна теза затоа што преговорите не се завршени, а конкурсот за избор на директори во јавните претпријатија  е веќе распишан. Како можно решение за ова јавно претпријатие се споменува и името на правникот и поранешен ракометар Љупчо Митрески.

Бројни се шпекулациите и околу кадровските решенија во самата локална самоуправа. Најавите говорат дека во општината ќе има промени во одредени сектори и нова систематизација со цел да се зголемат капацитетите и да се радвижат дел од службениците кои сега речиси и ништо не работат. И таму се шпекулира со разни кадровски решенија кои и се дошепнуваат на јавноста. Колку и што ваквите пробни балони ќе им донесат корист на тие што ги пуштаат, ќе биде појасно веќе наредната недела до кога се очекува да заврши конкурсот за директори на јавните претпријатија, но и преговорите околу составувањето на новото советничко мнозинство. Како и да биде главната главоболка ја има градоначалникот Петрески кој треба да менаџира со кадровските решенија, но останува отворено прашањето дали тоа ќе бидат негови или наметнати решенија, или пак нешто помеѓу.

Ohridnews