Се поизвесно е дека во Охрид ќе се гради клинички центар, инвестиција од страна на една од најпознатите здравствени институции во Европа-  Аџибадем од Турција.

Како што информираат од Локалната самоуправа, претставници на инвеститорот во текот на годината неколку пати престојувале во Охрид, а за инвестицијата било разговарано и при неодамнешната посета на градоначалникот Александар Петрески во Турција.


–    Веќе осум месеци, како Локална самоуправа сме во постојани преговори со заинтересираниот инвеститор, министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и со Агенцијата за странски инвестиции.  Засега се покажува добра волја од сите заинтересирани страни и јас се надевам дека наскоро ќе започнат градежните работи за изградба на клиничкиот центар кој би ги опслужувал потребите не само на пациентите од Охрид, туку и од поширокиот регион, вели Петрески.

Како услов за да му се продаде земјиштето на заинтересираниот инвеститор, е подготовката на урбанистичкиот план за оваа локација. Нацрт- планот по предлог на градоначалникот беше ставен на дневен ред на последно одржаната седница и за него се очекува да се расправа на продолжението на седницата кое се очекува дополнително да биде закажано.


 
Локацијата на која би се градел Клиничкиот центар АџиБадем, се наоѓа во близина на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија “Св. Еразмо”. Станува збор за инвестиција вредна 30 милиони евра и можност за вработување на минимум 200 лица.  

–  Изградбата на клиниката многу би придонела кон подигнување на квалитетот на здравствените услуги, како и за развивање на таканаречениот здравствен туризам. Претпоставувам дека голем број пациенти кои сега патуваат за да се лечат во оваа клиника дури до Турција, во иднина тоа би го правеле во Охрид, потенцира градоначалникот.

Аџибадем, уште од 1991 година е една од водечките здравствени установи во  Турција со широк опсег на здравствени услуги со напредна медицинска технологија. Делува со 9000 вработени од кои 1600 лекари, и поседува 11 општи болници, 8 клиники за надворешни пациенти, медицински центри и лаборатории.

Т. Кувенџиска