Стимулирањето на туризмот е една од стратешките определби на Владата на РМ, која и понатаму ќе продолжи да прави се за Охрид да стане една од најатрактивните туристички дестинации во регионот, вели вицепремиерот Владимир Пешевски.

– Субвенционирањето на туризмот и инвестирањето во инфраструктурата од страна на владата продолжува. Сепак не се доволни само заложбите на централната власт, туку потребна е и што поголема поддршка од страна на локалната власт и сите чинители во туризмот, кои треба да го дадат својот максимум. Од таа причина се одржуваат редовни средби со хотелиерите со цел да се следат проблемите со кои тие се соочуваат, за потоа тие да бидат надминати, потенцира Пешевски.  

Вицепремиерот е оптимист дека наредната туристичка сезона бројот на гости од земјите на Бенелукс кои ќе престојуваат во Охрид ќе ја надмине бројката од 20. 000.

– За оваа година очекувавме 10.000, но по средување на податоците за оваа сезона најверојатно ќе се покаже дека не посетиле околу 15000 туристи од земјите на Бенелукс. Со оглед на фактот дека најголемите тур оператори од Холандија потпишаа договори за фиксен закуп на капацитети на охридската ривиерата во наредните три сезони, во наредниот период очекувам зголемување на бројот на гости и над 20. 000, вели Пешевски.

Вицепремиерот истакнува задоволство и од се поголемиот интерес на странските инвеститори да вложуваат во Охрид.  Според него, тоа е само уште еден показател повеќе дека Охрид е на правиот пат со својата понуда рамноправно да може да им конкурира на најпознатите туристички центри.

OhridNews