Српската турбо фолк пејачка Светлана Ражњатовиќ – Цеца понудила спогодба на Вишото обвинителство во Белград, кое ја обвини за присвојување пари од продажбата на фудбалери на ФК Обилиќ, јавува „Макфакс“.

Цеца признала дека земала пари, а за возврат добила казна од година и половина домашен притвор и парична казна од милион и половина евра.

Во договорот е вклучена и сестрата на Цеца, Лидија Оцокољиќ која признала дека помагала во малверзациите поради што ќе помине шест месеци во домашен притвор.

Доколку Вишиот суд ја усвои спогодбата, на Цеца и на нејзината сестра нема да им се суди, туку ќе им бидат изречени договорените казни.


Фолк пејачката казната ќе ја издржува во својата вила, а на ногата ќе мора да носи електронска алка преку која 24 часа дневно ќе може да се следи нејзиното движење.

На Цеца и се закануваше казна од две до 12 години затвор. Таа се товареше дека незаконски ги присвоила парите од продажба на фудбалери во странство: два милиони евра и 3,48 милиони американски долари, како и за нелегално поседување на 11 пиштоли.

Договорот меѓу Цеца и Вишото обвинителство не ги опфаќа поранешните директори на Обилиќ Драгиша Биниќ и Јован Димитријевиќ. Тие се товарат за незаконска продажба на Милан Обрадовиќ на московски Локомотив за три милиони долари, од што ништо не е уплатено на сметка на клубот.

OhridNews
извор: „Макфакас“