Болестите на циркулаторниот систем се најчестата причина за смрт кај охриѓани. Статистичките податоци од последните 5 години покажуваат дека околу 60 проценти од вкупниот број на починати во Охрид, настрадале од здравствени проблеми поврзани со кардиоваскуларниот систем.

Ова го покажува и Публикацијата „Природно движење на населението за 2013 година“, според која од вкупно 589 починати охриѓани во текот на минатата година дури 342 лица смртно настрадале поради проблем со Циркулаторниот систем. Од табеларната евиденција за морталитет од ланската година, може да се види дека оваа бројка е за 227 лица поголема од бројката на починати кои го загубиле животот поради Неоплазми или карциномни заболувања, кои се втори на листата за морталитет со бројка од 115 починати.

Дека состојбата со бројот на заболени и починати од болести на циркулторниот систем зема алармантни размери во Охридскиот регион покажува и публикацијата  „Состојба со циркулаторни болести во Република Македонија, 2010-2012“ изготвен од Институтот за јавно здравје.

-Во  структурата според статистички региони, во 2012 година во дејноста општа медицина болестите на циркулаторниот систем од вкупната бројка од 615.544 лекувани, најзастапен бил Југозападниот регион со 76.965 заболени лица или вкупно 25,1%. Во Североисточниот регион биле опфатени 24,7%, во Полошкиот регион 24,1%, а во Источниот регион 23,3% од вкупниот број на лекувани лица, пишува во објавената публикација на Институтот за јавно здравје.

Во публикацијата се објаснува дека во примарната здравствена заштита болестите на циркулаторниот систем заземаат второ место во структурата на морбидитетот, а процентуалната застапеност на болестите на циркулаторниот систем во вкупниот број на лекувани во  примарната здравствена заштита изнесува 15,8%.

-Во анализираниот период 2010-2012 година бројот на вкупно лекуваните во примарна здравствена заштита зголемен  за  12 %,  а на лекуваните од болестите на циркулаторниот систем бројот е зголемен за 11,4%. Линеарниот тренд на морбидитетот од болести на циркулаторниот систем кои се дијагностицирани во амбулантно-поликлиничката дејност ќе има тенденција на перманентен пораст и во наредниот период, се појаснува во публикацијата.

 

Од Светската федерација за срце посочуваат дека срцеви заболувања и удари се водечка причина за смрт во светски размери, а од ваквите здравствени проблеми секоја година смртно страдаат 17,1 милиони луѓе.

Како дел од кампањите за подигнување на свеста за заштита од циркулаторните болести Светската федерација за срце секоја година на 29-ти септември го одбележува Денот на срцето. Годинешниот слоган за денот на срцето е „Heart Choices NOT Hard Choices“ кој има за цел да се даде приоритет на потребата која ја има срцето за здрава животна средина

Е.М