Црковно народниот Собор на МПЦ,  на барање на митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, ја одложи расправата по амандманите за измени на Уставот на црквата за наредното заседание. На овој начин отпаднаа најавите на дел од членовите на Светиот архиерејски Синод дека на Соборот во Калишта, ќе се расправа за додавање на Охридска архиепископија во името на МПЦ и за промена на грбот на црквата. Оваа точка како што ни изјавија членови на Соборот, се нашла на дневен ред, но на барање на владиката Тимотеј, истата била повлечена со поддршка од најголемиот број соборјани. Дел од нив, како што ни изјавија, биле изненадени од идејата да се расправа за уставни измени за кои тие не биле информирани што содржат. Соборот се согласил уставните измени да бидат доработени во комисијата која веќе работи на нив, и тие да бидат разгледани на следното заседание на највисокото црковно тело.


Епископот Методиј Златанов, на прес конференцијата по завршувањето на работниот дел од Соборот, изјави дека  несоодветната формулација и поврзувањето на предлогот за вметнување на Охридска архиепископија во името на МПЦ со актуелниот политички момент, се причините поради кои точката била повлечена од дневен ред.


Црковно народниот собор на МПЦ на  заседанието во Калишта усвои резолуција во која го  повика државниот врв на единство  во решавањето на спорот со името. Во резолуцијата што ја усвои Соборот,  се бара државата да ги употреби сите сили за заштита на националниот  и духовниот идентитет на македонскиот народ и се потенцира дека црквата   и натаму цврсто  останува на ставот донесен на Црковно народниот собор  во 2005 година за неменување на уставното име на земјата. Спорот со името на државата е главната причина за непризнавањето на МПЦ од страна на Цариградската патријашија, истакна во поздравното обраќање на Соборот, поглаварот на МПЦ, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан. Но наше е ние и натаму да ја чуваме верата, да ја чуваме црквата, додаде, поглаварот Стефан.


Чествувањата по повод 50 годишнината од Вториот Црковно народен Собор на кој беше возобновена автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква  продолжуваат со литургии и свечена академија во катедралната црква Св. Софија, каде утре ќе се одржи богослужба со која ќе чиноначалствува архиепископот Стефан.

Г.М.

.