Деветта година по ред, Македонија се вклучува во одбележувањето на најголемата светска еколошка акција Часот на планетата Земја, кога во сабота во 20:30 часот по локално време, во период од еден час во мрак ќе потонат над 180 земји и 7000 града ширум светот.

Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе ширум светот преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час ќе испратат порака за спас на планетата Земја, заеднички да се променат климатските промени, но и да се освестат луѓето за проблемот поврзан со намалување на биодиверзитетот. Како и климатските промени во минатото, и намалувањето на биодиверзитетот се чини како апстрактна именка, но ова треба да се промени и затоа нашата акција оваа година се фокусира токму врз оваа проблематика.

– За таа цел, оваа година имаме повеќе активности под мотото „Поврзи се со планетата“. Една од тие е дневниот настан кој ќе се одржува на 24 март насловен „Дрвца за планетата Земја“ преку кој ќе бидат засадени илјадници дрва во скоро сите локации кои истата вечер ќе потонат во мрак за Часот на планетата Земја. Освен во централното градско подрачје, илјадници дрва ќе бидат засадени и во Куманово, Велес и Радовиш, велат организаторите.

Оваа година рекорден број на локации ќе потонат во мрак за Часот на планетата Земја, односно преку 80 локации потврдени низ целата република. Во Охрид, пак, во мрак ќе потонат црквата Свети Јован Канео и Самуиловите тврдини. Централниот настан и оваа година ќе биде на плоштад Македонија, каде заедно со волонтерите на Црвениот крст, ќе биде испишано логото на акцијата 60+ со петстотини свеќи.

Инаку, со помош на Црвениот крст и нивните 33 канцеларии низ целата република и градот Скопје ќе бидат организирани одбележувања и манифестации во сите општини и локации кои годинава потонуваат во мрак за Часот на планетата Земја.

OhridNews