Жителите од улицата Радојца Новичиќ апелираат до надлежните да превземат мерки за решавање на проблемот околу прегледноста во сообраќајот во овој дел од градот.

Имено, пресекот на оваа улица со булеварот Железничка тие го нарекуваат црна точка поради намалената прегледност, а како причина го наведуваат дивопоставениот објект од времен карактер кој се наоѓа на самиот пресек.

Интензитетот на сообраќајот на заобиколницата сега е зголемен, а со тоа и опасноста од случување на сообраќајни незгоди поради овој проблем. Досега на ова место веќе се случени две сообраќајни незгоди, вели советникот Климе Тренески, кој бара од надлежните што поскоро решавање на овој проблем.

Од СВР- Охрид информираат дека по барање на жителите, нивните екипи ја согледале состојбата на терен, за што од нивна страна е изготвен извештај  кој е доставен до локалната самоуправа и комуналната инспекција со цел да се отстрани објектот.

Засега решавањето на проблемот тапка во место поради префрлањето на одговорноста помеѓу надлежните служби, велат од СВР- Охрид. 

OhridNews