Со зголемувањето на температурите, на охридското крајбрежје се зголемува бројот на посетители и капачи. Со цел превентивно дејствување за да не дојде до немили настани кои некогаш имаат фатален крај, од општинскиот Црвен крст потсетуваат на Кодексот за безбедност на вода, во кој се назначени упатства и совети за безбедно капење во езерските води.

–    Не пливај најмалку еден час после оброк (јадење)
–    Не пливај ако си конзумирал алкохол
–    Не влегувај загреан во вода
–    Не скокај во вода со непозната длабочина
–    Никогаш не пливај сам
–    Пливај во близина на спасител на вода
–    Почитувај ги упатствата и знаците на спасителот на вода
–    Ако ти се случи несреќа, остани смирен. Пливај на грб и мафтај со едната рака за помош
–    Ако во водата забележиш некој во невоља ВЕДНАШ повикај помош, се дел од советите.

Од Црвен крст со совети и до родителите, во секој момент да имаат увид каде се нивните деца, будно да го следат нивното движење, особено кога пливаат или се играат во вода, бидејќи децата можат да се удават и во плитка вода. Да се внимава на појава на високи бранови, да се избегнува качување на стени и стрмнини, да се користат само проверени и технички исправни водени реквизити за пловење и задолжително да се користат заштитните средства. Освен советот да се избегнува претераното изложување на сонце, од Црвен крст упатуваат важна опомена: не капете се на плажа на која нема спасител на вода!

Според податоците на Службата за спасување на вода на Црвен крст Охрид најголемиот број на несреќи на вода предизвикан е од човечкото однесување. Причините можат да бидат недоволно познавање на пливање, ризично однесување на капачите, злоупотреба на алкохол и опојни средства, разлика на температурата на телото и водата, повреда при влегување во вода, нагло настапување на болест во вода, истоштеност и многу често паника.

Процесот на давење трае од 3-5 минути и затоа брзината на делување и знаењето да се укаже прва помош се неопходни за спасување на човечкиот живот.

– Постапките на укажување на прва помош кај давеник насочени се кон воспоставување на задоволително снабдување на ткивата со кислород. Ако забележите некого во невоља во вода, исклучително е важно веднаш да се побара помош! Важно е лицето кое е сведок на давење, задолжително да го повика спасителите на вода кои се оспособени за укажување на прва помош, потенцираат од Црвен крст Охрид.

OhridNews