Од Црвен крст Охрид ја најавуваат новогодишната хуманитарна продажна изложба на новогодишни украси, креации и домашни ракотворби кои ги изработија волонтерите од Програмата за грижа за стари лица при Црвен крст, децата со посебни способности и родителите и децата од Бреинобреин програмата. Хуманитарната продажна изложба ќе се одржи во Лоунге бар НОА, во четврток, 22-ри декември со почеток во 16 часот.

Средствата собрани од продажната изложба ќе бидат наменети за набавка на новогодишни подароци и пакетчиња за деца без родители, деца од самохрани родители, деца од социјално загрозените семејства и деца во згрижувачки семејства во Охрид и Дебарца.

– Цените на производите ќе бидат симболични и пристапни за сите, Лоунге бар НОА излезе во пресрет и со цените на нивните услуги, а во акцијата ќе се вклучи и со дел од остварениот промет за време на акцијата. За музичкиот дел ќе се погрижат младите уметници, наши волонтери Виктор Јолакоски на гитара и Благоја Буџакоски- клавијатури. Многу интересен настан со убави содржини,  ги покануваме охриѓани уште еднаш да бидат хумани, порачува претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точко.

 На продажната изложба ќе има многу креативни и прекрасни рачно изработени предмети, секој од нив со новогодишна порака.

– Сите се изработени со многу вложен труд, креативност и она што е најважно со многу љубов. Покрај изработките ќе има и прекрасни уметнички слики од канадскиот уметник Мајкл Клоус. Да им  помогнеме на најранливите категории, на децата на кои им е потребна помош и тие да почуствуваат топлина и среќа за време на празниците, вели Славица Илиќ од Црвен крст од Охрид.

Хуманитарните акции на Црвен крст продолжуваат во текот на целиот месец. Предметите кои нема да се продадат на утрешната акција ќе бидат изложени за продажба во Центарот за култура пред почетокот на музичкиот настан „Зимска бајка“ во организација на OhridNews, а кон крајот на месецот традиционално ќе се организира и предновогодишниот хуманитарен ручек за над 150 социјално загрозени семејства.

OhridNews

OhridNews