Со прикажување на филмот „Добредојде“ на режисерот Филип Лиоре, вечерва  во Центарот за култура во Охрид започнува второто издание на Фестивалот на францускиот филм. Претходно ќе се одржи церемонијата на свеченото отварање на која ќе се обратат Елизабета Канческа-Милевска – министер за култура и Н.Е. г.Бернар Валеро – амбасадор на Франција.


На проекцијата на „Добредојде“  ќе присуствува режисерот Филип Лиоре. Филмот ја раскажува приказната за Симон (Венсан Линдон), учител по пливање на базенот во Кале, Северна Франција, кој, за да ја импресионира и повторно да ја освои својата сопруга, се изложува на опасност со тоа што тајно му помага на еден курдски бегалец, којшто сака да го преплива Ла Манш.

По проекцијата ќе следи дебата помеѓу присутната публика и режисерот на филмот.

Во Охрид ќе присуствуваат петмина режисери, тројца актери и осуммина продуценти, а ѕвезда на фестивалот ќе биде светски познатиот шансониер Шарл Азнавур, кому на затворањето на фестивалот на  4 јули на  Античкиот театар, ќе му биде врачена наградата за животно дело.


Од 28 јуни до 4 јули, деневно ќе има по две бесплатни проекции од 19 и од 21 часот, а по секој филм публиката ќе има можност за разговор со филмските екипи. И годинава најдобриот филм на фестивалот ќе ја добие наградата „Златна маска“  што  ќе ја додели стручното жири кое го сочинуваат српскиот режисер Дарко Баиќ, македонскиот режисер Антонио Митриќески, актерката Лабина Митевска и филмскиот критичар Сунчица Уневска.

Ohridnews