Разгорувањето на меѓуетничките тензии е мошне опасна игра која може да го загрози опстанокот на државата, истакна лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на трибината што вечерва се одржа во Струга. Според него тоа што се случи во 2001 година треба да биде поука за сите, а власта наместо да ја префрла одговорноста на опозицијата, треба да се соочи со проблемите и да ги решава.

-Подолг период се содаваше амбиент во еден момент вакви работи да се случуваат. Нашиот став како партија е јасен, никого не потпалуваме, напротив секогаш повикуваме да се стишат страстите, затоа што никому  добро меѓуетничките тензии не можат да донесат . Меѓутоа најодговорни се институциите на системот, тие треба да ги спречат превентивно инцидентите, а кога веќе ќе се случат да ги откријат виновниците и брзо да ги санкционираат за да не ги охрабруваат другите, ако нема санкции тоа ќе значи сигнал и други да го направат тоа, рече Црвенковски.


Лидерот на социјалдемократите ја критикуваше актуелната политика на власта, која, како што рече, ја води земјата кон изолација.

-Додека е Груевски на власт ние НАТО и ЕУ не гледаме. Спорот со Грција е само изговор, тие не сакаат да влеземе во НАТО не сакаат да почнеме преговори со ЕУ затоа што ќе има тогаш контрола од надвор, ќе има мониторинг, ќе има овде мисии над институциите кои нема да дозволат да се затвораат медиуми, да се апсат луѓе, да се злоупотребуваат судовите, да се градат споменици, да има високо ниво на корупција. Тие  не сакаат такво нешто, тие сакат да продолжат да владеат како до сега, како да е приватна сопственост оваа држава, истакна Црвенковски.


Тој ги повика членовите на СДСМ да ја преземат одговорноста и да ги охрабрат граѓаните кои очекуваат најголемата опозициона партија да преземе нешто и да ги промени состојбите во државата, која од ден на ден се повеќе тоне.

OhridNews