Поставувањето споменик на личност од Античкиот период во очи празникот посветен на сесловенските просветители, во најмала рака е контроверзен потег и голем грев на оваа Влада, која во време на сиромаштија и огромна невработеност потроши стотици милиони евра за реализација на проектот Скопје 2014, смета претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски.
Лидерот на најголемата опозициска партија, кој денеска присуствуваше на свеченостите по повод празникот Св. Кирил и Методиј во Охрид, истакна дека токму нивното дело е еден од клучните столбови врз кои се потпира нашиот национален идентитет кој од никого не е оспоруван и со што можеме да и се пофалиме на Европа, за разлика од величењето на античките вредности кои отвараат сериозни дилеми, како во земјата, така и надвор од неа.
-Токму откако почна реализацијата на проектот Скопје 2014 како никогаш во претходниот период се отвори не само во Македонија туку и надвор од Македонија прашањето на националниот идентитет. Само да се потсетиме на пораките што ни доаѓаат од нашите пријатели во светот дека националниот идентитет е нешто за што не може да се преговара, нешто што никој никому не може да му го одземе и дека само ние самите со контроверзни постапки можеме да го проблематизираме, рече Црвенковски.
Во врска со предлогот на Георгиевски за име со географска одредница, како решение на проблемот за името, Црвеновски рече дека спорот со Грција е премногун важен и тој не може да се реши со импровизации и лицитирања на прес конференции, без разлика дали се работи за политички партии, медиуми или некој друг.
-Тој процес единoствено може да се води организирано од тие што го имаат легитимитетот да ја водат државата, претседателот, премиерот, министерот за надворешни работи, а тие доколку имаат потреба да побараат поддршка од опозицијата ние сме тука. Впрочем нашиот став e познат дека секое решение кое не задира во идентитетот на македонскиот народ, а е прифатливо за оваа влада на Никола Груевски ние ќе го поддржиме, изјави Црвенковски.
Црвенковски истакна дека СДСМ не ја подджрува идејата за формирање екпертска влада, бидејќи таа не може да ја реши ситуацијата во која се наоѓа земјата. Тој рече дека проблемите треба да ги решава влада со политички легитимитет и дека Македонија има таква влада, која доколку не умее да го направи тоа треба да се повлече.