Следните локални избори се да се биде или не за Република Македонија и затоа граѓаните не смеат веќе да се колебаат туку да одлучат во каква држава сакаат да живеат, во минато или иднина, рече лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на митингот што се одржа синоќа во Охрид, на кој актуелниот градоначалник Александар Петрески и официјално беше промовиран во кандидат за трет мандат.
-Народот се осмели се одважи, запирање повеќе нема, доаѓа време за наплата на сметките за голема народна казна за сите досегашни лаги и измами, за сите понижувања и газења, која ќе ја изречат страдните. Време е за решавачка битка. Не чека референдум за нашата иднина, локални избори од кои се ќе зависи. Ако нив ги добиеме готово е, тие ќе си одат и од власт и од нашите животи. Сега е да се биде или не и затоа нема место за колебање, пазари и ценкање, истакна во својот говор Црвенковски.
Според него Македонија се наоѓа во многу компликувана ситуација, која долго не е одржлива и дека се лажат сите кои мислат дека некој од надвор ќе ги реши проблемите на државата.
-Доколку сами не ги решиме проблемите ќе не изолираат и ќе не остават да пропаѓаме сами се додека не се опаметиме. Ова зло или ќе го решиме сами или никој нема да ни го реши. Се работи за нашите животи, држава и иднина, додаде Црвенковски.
Големи битки, додаде Црвенковски, се добиваaт со цврсти и храбри луѓе кои не се колебаат, а Охрид има таков човек во името на Александар Петрески, кој во изминатите два мандати на чело на општината покажа дека ако се сака и знае се се’ може.
-Наследи општина со 12 милиони евра долг, работеше со блокирана сметка, со опструкции и блокади од централната власт и покажа дека во тешки услови сардисан од сите страни дека може да се инвестира и гради. Во изминатиот период се изнаслушавме, изнагледавме и изначитавме се и сешто за него. Но, кога ќе ги прашаш дути и членовите на ВМРО ДПОМНЕ ќе чуеш: Пак Аце врвит, е врвит. Врвит затоа што народот знае да критикува, но и да цени, рече Црвенковски.
Од говорницата на митингот во Охрид тој упати силни критики кон премиерот Груевски за отчетот по повод една година од неговата Влада, кој како што рече, не соодветствува со реалноста во земјата која е многу сурова, тешка и катастрофална и затоа е време за конечна пресметка со власта која земјата ја води кон пропаст.
На митингот што се одржа под мотото „Крени глас за иднината“, се обрати и кандидатот за градоначалник Александар Петрески кој се осврна на приоритетите доколку по трет пат ја добие поддршката на охриѓани, посочувајќи дека во фокусот на неговата работа ќе биде завршувањето на отпочнатите проекти, изградба на инфраструктура, гасификација на општината и заштита на животната средина.
Од говорницата Петрески упати критика до актуелната власт дека го заборавила Охрид и дека со нејзините политики го кочи развојот на општината.
– Охрид го оставивте последен заедно со Арачиново да влезе во втора фаза на децентрализација и криминално во четири очи го продадовте целото охридско крајбрежје, со инфантилни реклами го навредувате елементарното човечко достоинство на охриѓани, рече Петрески.
Тој најави дека и трет пат ќе победи на локалните избори во Охрид.