Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Бранко Црвенковски, на митингот што неговата партија синоќа го одржа во Штип, побара предвремени парламентарни избори, за излез од кризата во која земјата се најде под водство на Никола Груевски.Тој ја обвини власта дека во речиси петгодишниот мандат не исполнила ниту едно од своите ветувања и ја оддалечила земјата од НАТО и ЕУ.
– Што добивме после 5 години нивна власт?Добивме рекордна сиромаштија, рекордна невработеност, рекордно ниско ниво на инвестиции. Погледнете ги цените на струјата, на водата, на дрвата, на парното, погледнете ги цените на храната и средствата за хигиена и сами заклучете за колку ви е животот поскап и за колку вие сте посиромашни во овие пет години. -истакна Црвенковски.
Тој најави дека опозицијата веднаш после Самитот на ЕУ на 16ти декември во Собранието ќе поднесе иницијатива за гласање на недоверба на Владата и го повика премиерот Груевски доколку им верува на анкетите во кои се прикажува дека има голема предност над политичките ривали, да излезе на избори и да се соочи со народот.












