Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Бранко Црвенковски, на свеченост што денеска се одржа во хотелот “Ривиера“ во Охрид на новите членови на партијата лично им ги врачи членските книшки.  Како што информираа од општинската организација, СДСМ – Охрид го засилиле нови 400 членови.


По партиските обврски лидерот на најголемата опозициска партија даде изјава за медиумите во која се осврна на формирањето на Анкетната комисија што треба да го расветли инцидентот во Собранието. При тоа тој нагласи дека ВМРО ДПМНЕ со потезите кои ги влече и промената на ставовите околу утврдување на персоналниот состав на комисијата, јасно покажува дека не сака да се расчисти случајот.

–  Која е логиката да се формира Анкетна комисјија која треба да истражи кој дозволил припадници на МВР неовластени да бидат во Собранието, бидејќи согласно законот тоа треба да го направи претседателот на Парламентот, а од друга страна Груевски во оваа држава во овој период станува и обвинителство и суд и Уставен суд, а еве гледаме сега ја презема и улогата на Анкетна комисија.-рече Црвеновски.


Претседателот на СДСМ, се осврна и на случајот со приведувањето на млекарот Душко Илиевски и членови  на неговото семејство, што според него, претставува типичен пример за реваншизам.

– Се работи за човек чие семејство е едно од најоштетните во аферата „Сведмилк“ која се случи по вина на актуелната Влада, кој што проговори во јавноста дека таа афера треба да се расчисти и луѓето да бидат обесштетени и видовме дека полицијата му направи претрес на домот барајќи нелегално оружје, му поднесе пријава за упад во општинската зграда, како и пријава за навреда на ликот и делото на премиерот, за да после настапот на митингот на опозицијата на 27 јули, две недели подоцна, да го обвинат и за одгледување и дистрибуција на дрога марихуана. Јасно е дека се работи за едно силеџиство од страна на власта, која сака да испрати порака дека може да прави што сака и кому сака, истакна Црвенковски.


За лидерот на СДСМ поднесувањето на кривични пријави против 12 директори на РЕК не е борба против организираниот криминал, туку внатрепартиска пресметка во ВМРО ДПМНЕ, посочувајќи дека иако аферата е тешка 7 милиони евра никој од осомничените не заработил притвор, а од случајот е изземен тогашниот генерален директор на РЕК, актуелниот министер за одбрана Зоран Коњаноски, за кој Црвенкоски запраша- дали е можно да не знаел што се случувало во компанијата.

OhridNews