Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва ќе го одигра натпреварот од третото коло во Б групата, на Европското првенство за играчи до 21 година.
Избраниците на Благоја Милевски во последната рунда ќе се сретнат со Португалија, откако претходно загубија од Шпанија (0:5) и ремизираа со Србија (2:2).
„Натпреварот со Португалија е од големо значење, не е исто да се заврши првенството со еден или повеќе бодови. Португалија има одличен тим составен од исклучително квалитетни поединци, но ќе се бориме и ние. Ќе се обидеме да го неутрализираме нивниот напад, мислам дека ако се бориме до крај, од еден до последен можеме до позитивен резултат“, изјави Ѓоко Зајков.
Натпреварот Македонија-Португалија се игра на стадионот во Гдиња и ќе почне во 20:45 часот, а во истиот термин се игра и натпреварот во Бидгошч помеѓу Србија и Шпанија.
Шпанците со победите во првите две кола веќе обезбедија пласман во полуфиналето. Во оваа фаза веќе влегоа и националните тимови на Англија и Германија.
OhridNews