Советот на општина Охрид на вчера одржаната седма седница ги потврди одлуките донесени од ЈП „Билјанини извори“ за утврдување на цената на паркинзите со кои од неодамна стопанисува ова јавно претпријатие. Токму оваа одлука предизвика расправа во советот и критики од опозицијата која побара одговорност затоа што јавното претпријатие десетина дена стопанисувало со паркинзите со нов ценовник кој бил утврден од Управниот одбор, а не бил одобрен од Советот.
Ваквите критики директорот на претпријатието Иван Цветкоски ги отфрли како неосновани, потсетувајќи ги советниците од опозицијата дека ЈП „Билјанини извори“ должи 4 плати на вработените, 6,5 милиони денари по основ на неплатена струја и 1,4 милиони трошоци кон членовите на Управниот одбор.
-Последната исплатена плата (јануарската) успеавме едвај да ја обезбедиме. Вработените се буквално во очај и секојдневно бараат аванс за да преживеат. Јавното претпријатие 8 години работи со цени кои не се утврдени од советот. Ние донесивме одлука на управен и во истиот момент ја доставивма на совет за гласање и секогаш до сега советот само ја верифицирал одлуката, бидејќи јавното претпријатие е таа што е формирана да работи со паркинзите и да ја оформува цената.-рече Цветкоски.
Тој потсети дека ЈП „Билјанини извори“ минатата година работело 4 месеци без одлука на совет и Управен одбор, но тоа, како што рече, тогаш не им сметало на дел од советниците кои беа дел и од тој состав на советот.
-Ценовникот од 2008 е ценовник за паркинзите и согласно истиот ние стопанисувавме само со паркингот кај старата НАМА и затоа цените беа 30 со 10 денари. Зошто тие што критикуваат не ги бранеа законите и уставот изминатите 8 години или тогаш друг интерес имаа? Од редот на советници имаше и заменик градоначалник, но и нему не му сметаше тоа што се работеше без одлука на совет.-истакна Цветкоски.
Директорот на ЈП „Билјанини извори“, вели дека претпријатието во изминатите 10 дена работело согласно законските прописи за фискално работење и средставта од наплатата на паркинг се влевале во јавното претпријатие формирано да стопанисува со паркинзите.
-Ние со оваа одлука само се обидуваме да ја подобриме лошата финансиска состојба на претпријатието и што побрзо да ја исплатиме февруарската плата. Со оваа одлука излеговме во пресрет на сите граѓани кои реагираа околу хаосот со паркирањето со оглед дека туристичката сезона е започната, значи безбедност, услуга за туристите кои бараат култура, слободен организиран паркинг беа нашите цели. И згора на се цените на паркинг се многу намалени иако нашиот расход е зголемен за повеќе проценти, го имаме предвид социјалниот аспект но се разбира треба да се внимава и на туризмот.-додава Цветкоски.
Тој посочува на промените во работата на ЈП „Билјанини извори“ за краток период, кои имаат за цел развој на спортот и осовременување на спортската инфраструктура оставена на забот на времето.
–Велат дека сме се полакомиле, но ние само се обидуваме да дојдеме до плата за сите вработени, вклучително и за тие што ги вработија пред избори, да платиме данок, да го санираме базенот, да организаираме турнири за деца , манифестации…, но за некого тоа било лакомење, а за причините кој и зошто го донесе претпријатието во тешка финансиска состојба со долг од 16 милиони денари ниту збор од критизерите.-истакна Цветкоски.