Директорот на ЈП Нискоградба, Владо Цветкоски, смета дека штрајкот на вработените во претпријатието кој започна утрово поради неисплатената плата за месец август, е оправдан.

Според него, проблемот се состои во неможноста на МЈП Проаква веќе подолг временски период да ги сервисира обврските за извршените услуги кон Нискоградба. Цветкоски информира дека утрово остварил средба со раководството на МЈП Проаква на која се разговарало за надминување на состојбата, но како што истакна, не добил конкретен одговор кога Проаква ќе ги подмири долговите кон Нискоградба.

– Оттаму, ниту јас не можам да им дадам конкретен одговор  на вработените кога ќе ја добијат августовската плата, рече Цветкоски. Тој појасни дека согласно можноста, Нискоградба ги уплатила потребните средства за придонеси и здравствено осигурување и останува да се доисплати заостанатата нето- плата.

И покрај очигледните проблеми со кои се соочува претпријатието, првиот човек на ЈП Нискоградба истакна дека претпријатието работи успешно, а искажа задоволство и од досегашната наплата на побарувањата од граѓаните, која е над 70%.

OhridNews