Само во една работа целосно се сложуваме со ДПМНЕ – во тоа што има разлика и фала Богу што има разлика. Има разлика во пристапот кон сопствените сограѓани, во начинот на комуникацијата со сопствениот народ, рече на денешната прес конференција кандидатот за пратеник од СДСМ Охрид, Томислав Тунтев.
– Вработените во државната и во јавната администрација, во локалната самоуправа, по јавните претпријатија и по државните институции, во изминатиот период константно беа заплашувани, уценувани и предупредувани да носат гласови за власта, доколку сакаат да ги задржат своите работни места и позиции. Директори на јавни претпријатија и раководители на сектори од општината, не само што се закануваа, уценуваа и вршеа секојдневни притисоци, туку и одеа по куќи и плаќаа пари за купување на гласови кај одредени социјално ранливи категории на граѓани и етнички групи. Раководните лица од ДПМНЕ во Охрид отворено на организирани собири им се закануваа на вработените во образованието и здравството во Охрид, а болниците, училиштата, јавните претпријатија и локалната самоуправа ги претворија во локални месни комитети за партиски, наместо за работни задачи. Директорите и советниците беа терани да клеветат, да лажат и да ја извртуваат вистината, само за да се обидат да ги оцрнат, дискредитираат и навредат кандидатите на политичките опоненти, рече Тунтев.
Тој додаде дека сопствените кандидати ДПМНЕ ги претставил како лидери во локалното здравство, како заслужни за некакви наводни успеси и потрошени големи народни пари, небаре болниците и другите здравствени установи се нивна приватна или партиска своина. Како што потенцира Тунтев во изминатите месец првите луѓе во општината покажале дека за време на изборна кампања знаат да работаат само за граѓаните од ДПМНЕ, а не за сите граѓани.
– Има разлика во кандидатите за пратеници од Охрид – кандидатите од СДСМ, за разлика од кандидатите од ДПМНЕ, никогаш не промениле политичка партија поради лични интереси и никогаш не добиле работа или никаква функција поради тоа што се членови на политичка партија. Има разлика и во политичкото делување на партиите, кое во ДПМНЕ е сфатено како одлична можност за лично и партиско богатење. За личното богатење, кое, како што видовме, се мери со милиони евра, првите луѓе во ДПМНЕ еден ден ќе одговараат пред надлежните органи, исто како што ќе одговараат и за енормното трошење на народните пари за партиски цели. Само за 3 месеци, пред овие избори, ДПМНЕ се стекнала со имоти, станови и деловни простории во вредност од над 1 милион и 600 илјади евра. Само во еден ден, во декември минатата година, биле купени имоти во вредност од над 800 илјади евра во Кисела Вода, во Аеродром, во Радовиш, во Виница, истиот ден кога во Охрид се купени два деловни објекти, на атрактивни локации во градот, по вкупна пазарна вредност од над 300.000 евра, рече Тунтев.
Кандидатот за пратеник Тунтев потенцира дека има разлика и во перцепцијата за вредноста на народните пари, што се трошат на непродуктивни и непотребни квазиуметнички проекти, како и во начинот на обезбедување на потребните гласови, преку запишување на фантомски гласачи – граѓани со двојни лични документи, што се уфрлени во избирачкиот список на адреси каде што воопшто не живеат или на непостоечки адреси.
Според СДСМ има разлика и во практикувањето и почитувањето на законите на државата.
– ДПМНЕ за време на изборни кампањи ветува проекти за фабрики, ветува вработувања на илјадници луѓе, ветува изградба на инфраструктурни објекти, ветува патишта, базени, скијачки центри, марини и пристаништа, иако имаше цели 8 години да ги реализира тие проекти… но, наместо тоа, по неколку пати ги ветува истите проекти, кои никогаш не ги реализира… троши народни пари за да ја критикува, оцрнува и сатанизира опозицијата… и не само тоа – за време на избори асфалтира, реконструира улици и тротоари, гради канализации, вработува волонетри, користи службени возила, простории и средства за партиски цели, склучува протоколи за соработка со пензионерите, одржува наводни стручни медицински предавања само за да ги промовира незаконски своите кандидати, и‘ поставува прашања на опозицијата наместо да и‘ дава одговори на јавноста , рече Тунтев.
Тој потенцира дека токму разликата ќе и овоможи на охридската јавност да ги казни ароганцијата, несовесноста и непрофесионалноста на ДПМНЕ и да им даде шанса на демократските вредности, економскиот развој и напредокот во државата, со цел да се спречи масовното иселување на младите и стручни кадри и да се намали сиромаштијата.
Тунтев ги повика граѓаните на 27- ми април слободно да ја изразат својата волја, масовно да излезат на избори и да гласаат за Стево Пендаровски за претседател и за кандидатската листа на пратеници од СДСМ.
OhridNews