Според општинската организација на СДСМ резултатите од првиот круг од претседателските избори го покажале моменталното расположение, мислење и став на охриѓани во однос на понудените политички опции, но ни оддалеку не ја покажале нивната слободно изразена волја.

Како што истакна на денешната прес конференција претседателот на ОО на СДСМ, Томислав Тунтев, доколку се земат во предвид и резултатите од минатогодишниот изборен циклус на локалните избори, кај граѓаните од Охрид се почувствувало одредено придвижување и блага наклонетост кон понудените опозициски вредности, за која од СДСМ се надеваат дека уште повеќе ќе дојде до израз на 27-ми април, во вториот круг на претседателските избори, односно за претстојните вонредни парламентарни избори.

– Го изразуваме и нашето задоволство што вчерашниот ден на гласањето помина во мирна, спокојна и достоинствена атмосфера, како што и доликува за еден град каков што е Охрид. Сепак, независно од изборните резултати во првиот круг, остана горчливиот вкус и длабоката разочараност кај најголемиот дел од гласачите во Охрид, поради сето она што се случуваше во изминатиот период на предизборие, во врска со изборниот процес. Имено, нивото на демократијата или оценката дали едни избори биле фер и демократски, не се однесуваат само на денот на гласањето, туку се однесуваат на целокупниот изборен процес, од денот на распишувањето на изборите. Секојдневните закани, уцени и притисоци, што континуирано беа преземани од страна на власта во Охрид врз вработените од државната и јавната администрација, како и врз одредени ранливи категории на наши сограѓани, си го сторија своето, односно повторно имаа силно влијание кај поголемиот дел од засегнатите наши сограѓани, рече Тунтев.

Тој изрази жалење, како што рече, што голем дел од нашите сограѓани во изминатиот период биле изложени на невидени притисоци, заплашувања и манипулации од страна на власта во Охрид и што не биле во состојба да најдат и да покажат одважност и храброст да им се спротивстват на недемократските начини на изнудување и купување на гласови.

– Потценувањето на сопствениот народ секогаш има крај и завршува неславно и погубно за тој што го спроведува, посебно кога се работи за изборна кампања и политичка стратегија што е заснована на национализам, меѓуетнички поделби, меѓусебна нетрпеливост и манипулации. Народот таквото однесување ќе го сфати, ќе го осуди и ќе го казни. Граѓаните на Охрид и на цела Македонија, независно од нивната политичка, верска или етничка припадност, во наредните две недели ќе ги сфатат реалните состојби и ќе ја прифатат изборната програма на СДСМ и на Стево Пендаровски, што ќе биде основа за промените за нов почеток што ќе се случат во Македонија за две недели, на 27-ми април, потенцира Тунтев.

Тунтев упати благодарност до сите граѓани кои вчера излегле на гласање, особено до оние кои со својот глас довербата му ја дале на кандидатот за претседател на СДСМ, Стево Пендаровски.

OhridNews