Вчера беше чест и гордост да се биде опозиционер во Охрид. Синоќешниот митинг на градскиот плоштад покажа што значи кога охриѓани, и само охриѓани, со полни гради со опозиционерски дух, се собраа во огромен број да му дадат поддршка на проф. д-р Стево Пендаровски, кандидатот за Претседател на Република Македонија. Вчера Стево ги обедини охриѓани од различни вери, од различни етникуми и од различни политички партии, кои сите заедно, по сопствено убедување и со сопствена волја дојдоа да го кренат својот глас против погубните политики на ДПМНЕ, рече претседателот на ОО СДСМ Охрид, Томислав Тунтев, на денешната прес-конференција.

„Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите што во себе успеаа да најдат храброст и одважност и што присуствуваа на митингот. Охрид вчера покажа дека опозиционерскиот дух расте од ден на ден и дека ќе кулминира со убедлива победа на претстојните избори. Исто така, сакам да ги поздравам тие што синоќа беа со своите мисли и со својата душа на охридскиот плоштад, но не дојдоа, затоа што беа заплашени, уценети и предупредени да не доаѓаат. Во претходните неколку дена на голем број наши членови и симпатизери им беа упатени отворени закани, уцени и притисоци од страна на нивните шефови, раководители и директори од ДПМНЕ, по образовните и здравствените установи, по јавните претпријатија и во локалната самоуправа, дека ќе имаат реперкусии и последици на своите работни места, доколку се појават на митингот на СДСМ. Тоа истото се случи и минатата недела, со луѓето што присуствуваа на митинзите со Заев и Шеќеринска.“ – потенцира Тунтев.

Од ОО СДСМ им порачуваат на граѓаните својот револт од непрофесионалното однесување на нивните претпоставени да го изразат на 13-ти април.

„Во оваа прилика сакам да ги охрабрам и окуражам сите оние охриѓани, на кои веќе им е преку глава дојдено од секојдневните притисоци што ги трпат на своите работни места, и да им порачам дека својот револт и своето незадоволство од крајно непрофесионалното и нечовечко однесување на нивните претпоставени најдобро ќе го изразат во недела, на 13-ти април, на избирачките места, со заокружување на бројот 3, давајќи го својот глас за Стево Пендаровски, за неопходните промени, за новите прогресивни политики. На тој начин ќе бидат казнети и поразени сите деструктивни функционери од ДПМНЕ, кои бесрамно и бескрупулозно применуваат партиско осветољубие и политички реваншизам, не сакајќи да сфатат дека луѓето се од крв и од месо, со сопствени чувства, со сопствени судбини, со свои семејства и животи, а не само бројки што им се потребни исклучиво за добивање гласови на избори.“ – истакна Тунтев.

Тој ги охрабри охриѓани да ги пријават сите неправилности и нерегуларности во изборниот процес, бидејќи, како што рече, правото на глас даден според сопственото убедување е уставно право на секој граѓаѓин во земјава.

Во членот 160 од Законот за избори стои вака: „Тој што со употреба на сила, закана, измама или на друг начин ќе спречи или друг ќе присили да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право, ќе се казни со затвор од најмалку три години“. Затоа, ние ги охрабруваме сите уценети, заплашени и присилени наши сограѓани да го кренат својот глас против тиранијата на ДПМНЕ и да ги пријават сите неправилности и нерегуларности во изборниот процес, за да ги стигне казната сите оние што се дрзнале да му се закануваат на сопствениот народ. Правото на глас, даден според своето сопствено убедување, е уставно право на секој граѓанин на оваа држава, и никој не смее да го одзема или злоупотребува тоа право. На избирачкото место, зад параванот, само тој што гласа знае за кого гласал. Никој друг не знае кој како гласал и кој за кого гласал. Бадијала од ДПМНЕ ги плашат луѓето со лагите за некакви камери, за специјални пенкала, за бугарски возови, за сликање со телефони или за обележени сериски броеви. Нема ништо од тоа, нема вистина во тоа – сето тоа е лага, сето тоа е само сеење страв и закани меѓу чесните гласачи.“ – истакна Тунтев.

Како што тој потенцира на прес-конференцијата, со заокружување на бројот 3, охриѓани истовремено ќе гласаат за промени, просперитет и за својата иднината.

„Протв сиромаштијата, мизеријата и недемократското режимско владеење на оваа власт. Впрочем, трите столба, врз кои се темели изборната програма на СДСМ на овие парламентарни избори, се: Да ја вратиме средната класа, Да ја вратиме слободата и Да инвестираме во нашата иднина. Охриѓани ќе покажат дека сакаат да живеат во нормална држава, каде што владеат универзалните демократски вредности: еднаквост на можностите, социјална правда и солидарност, општествен дијалог, слобода и еднаквост пред законот и политичари што власта ја сфаќаат како одговорност, а не како моќ.“ – потенцира Тунтев.

OhridNews

ВМРО-ДПМНЕ: Кулминира агонијата и лицемерието на охридското партиско раководство на СДСМ