Двата сериозни документи од УНЕСКО поврзани со Охрид, објавени на интернет сајтот од УНЕСКО покажуваат дека СДСМ, за жал, беше потполно во право кога зборуваше за бескрупулозниот армирано-бетонски атак врз нашето природно, културно и историско наследство на Плаошник (Имарет), како и врз нашите духовни и световни традиционални вредности, рече на денешната прес конференција претседателот на општинската СДСМ, Томислав Тунтев кој додаде дека поразително е што требало странци да им укажат на надлежните државни и општински институции, за да се сфати големината и сериозноста на проблемот.

– СДСМ реагираше пред повеќе од година и половина, кога веќе беше забележливо дека изградбата на објектите на Плаошник го надминува габаритот на првобитниот проект. Реагиравме минатата година и во локалната самоуправа со советнички прашања; укажувавме, анимиравме, ги повикувавме надлежните да реагираат; зимата баравме да ни организираат средба со стручната комисија од УНЕСКО. Но, власта остана глува, очигледно водејќи се исклучиво од свој интерес, а јавноста остана без било каква валидна информација. Дури власта тогаш тврдеше дека не постојат извештаи со забелешки на УНЕСКО, потенцира Тунтев.

Тунтев истакна дека според стручните препораки во извештајот на УНЕСКО, тоа што се гради на Плаошник може да има сериозни негативни влијанија врз постоечкиот локалитет и дека е неопходна сериозна и значајна ревизија на проектот за изградба на, како што рече, сосема несоодветните армирано-бетонски зданија.

– Ние сакаме да веруваме дека конечно одговорните лица во надлежните институции во државава ќе се вразумат, дека ќе ги преземат сите неопходни мерки и активности во согласност со препораките на УНЕСКО и дека конечно ќе престане загрозувањето и уништувањето на нашето природно, културно и историско наследство на Плаошник (Имарет. Очекуваме, исто така, дека ќе биде лоцирана и конкретна одговорност за настанатите грешки и пропусти, и дека јавноста ќе биде информирана кој ќе сноси одговорност, додаде Тунтев.

Како што рече претседателот на СДСМ Охрид, не смее никогаш повеќе да се дојде во ситуација туѓинци да не‘ учат и ни кажуваат како треба да се грижиме за нашето вековно природно, културно и историско наследство, затоа што тоа е завет до нас од нашите славни предци и залог за идните генерации.

Тунтев порача дека СДСМ и понатаму внимателно ќе ги следи состојбите на Плаошник (Имарет) и ќе продолжи да делува во насока на доследно почитување на вековните духовни и световни традиционални вредности.

OhridNews