Денешниот чин на разрешување од функцијата советник, според Томислав Тунтев е доказ дека власта на ДПМНЕ нема никакви граници во непочитувањето и прекршувањето на Уставот и законите во Република Македонија. Тунтев потенцира дека верификацијата на неговиот мандат за пратеник во Собранието на Република Македонија е насилна, противуставна и противзаконска со што се загрозени неговите со Устав и закон загарантирани права како граѓанин и државјанин на Република Македонија.
– Не е прифатена мојата Изјава, заверена на нотар и испратена до ДИК на 05.05.2014 год., со која „не го прифаќам мандатот за пратеник во Собранието на Република Македонија и барам да не ми биде извршена верификација на истот“. Точен е фактот дека во Законот за Собранието на Република Македонија не постои одредба која предвидува враќање, односно неприфаќање на добиениот мандат, но тоа не значи дека враќањето, односно неприфаќањето на мандатот за пратеник е недозволено, односно забрането. Имено, во членот 8 од Уставот на РМ, каде што се наведени темелните вредности на уставниот поредок во нашата држава, покрај другото, во последниот став стои: Во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането. Нека најде било кој од „големите и стручните“ правни експерти, кои делувааат исклучиво во партиски интерес на ДПМНЕ, било каква одредба, во Уставот или во било кој друг закон, дека враќањето, односно неприфаќањето на мандатот за пратеник е забрането, односно дека не е дозволено, вели Тунтев.
Тој додава дека со насилна и противуставна верификација на мандатот за пратеник извршена е повреда на неговото законско право да ја извршува функцијата советник во Советот на Општина Охрид.
– При прифаќањето на советничкиот мандат, јас потпишав Изјава и дадов свечена заклетва, со која се обврзав дека чесно ќе ја изршувам функцијата советник и дека ќе ги почитувам Уставот и законите на нашата држава. Согласно наведените законски одредби, тој мандат е неотповиклив. Значи, противзаконски е насилното одземање на советничкиот мандат без моја согласност, односно без да ми се овозможи да се изјаснам кој мандат сакам да го извршувам – да продолжам со советничкиот или да го прифатам пратеничкиот, вели Тунтев.
Тунтев потенцира дека функцијата советник е јавна функција, што значи дека противзаконски е било која државна институција, орган или тело насила да го прогласи за пратеник, затоа што таа функција е неспоива со функцијата советник, што значи дека прво треба да заврши, престане или прекине функцијата советник, за потоа да се изврши верификување на мандат за пратеник.
Тунтев најавува дека советниците од редовите на СДСМ, кои добија мандат за пратеници на последните избори, кои одбија да го прифатат мандатот и побараа да не биде извршена верификација на истиот, ќе поднесат тужби до Управниот суд, со кои ќе бараат заштита на загрозените слободи и права, поради насилното, противуставно и противаконско верификување на нивните мандати за пратеници. За ваквиот чекор ќе бидат запознаени и релевантните меѓународни институции.
OhridNews