Да си имаше ДПМНЕ од Охрид квалитетни кадри на листата со кандидати за пратеници, ќе си се фалеше и гордееше со нив и немаше сосема неосновано да ме напаѓа мене. Вистината можеби за нив е болна и сурова, но е несомнена – кандидатите за пратеници од ДПМНЕ од Охрид не се сакани, не се почитувани и не се ценети дури и од нивното членство, а камо ли од неопределените гласачи, изјави на денешната прес конференција кандидатот за пратеник од СДСМ, Томислав Тунтев.

– ДПМНЕ од Охрид се обидува со лаги и манипулации да ги омаловажи и оспори нашите потврдени и докажани квалитети и остварувања. Но, за жал, ДПМНЕ од Охрид никогаш не ни знаела да направи разлика помеѓу законодавната и извршната власт. За такви луѓе, кои не ги почитуваат и кои секојдневно ги кршат законите на нашата држава, ултимативната цел е само да се приграби и да се има голата власт, без оглед на цената и последиците. ДПМНЕ од Охрид никогаш не научи дека нормативната власт во општината – Советот, нема никаква врска со реализацијата на активностите од страна на извршната општинска власт – градоначалникот и стручните служби од локалната самоуправа, рече Тунтев.

Тунтев додаде дека советниците од редовите на ДПМНЕ секојдневно седат по канцелариите на општинската зграда и сосема незаконски играат улога на раководители на сектори на одредени дејности, како што се образованието, јавните комунални дејности, спортот, културата и сл.

– Изречените лаги и манипуалции на моја сметка овојпат дојдоа од советничката на ДПМНЕ Дамоска – Секулоска, која точно знае кои се ингеренциите на советниците, кои на градоначалникот, а кои на советникот што има решение да го заменува градоначалникот во случаи кога тој не е во состојба да ја извршува својата функција. И покрај тоа, таа упорно ја лаже охридската јавност за некаква моја наводна одговорност, исто како што тоа го правеше и во претходниот советнички мандат. Најверојатно затоа, партиски заслужено, веднаш си доби работно место во државниот универзитет, рече Тунтев.

Тој упати повик до ВМРО-ДПМНЕ за  јавна отворена дебата, на било кој медиум, на било која тема, во било кое време.

– Па да видиме кој располага со какви квалитети и кој што направил до сега за Охрид. Сите заедно – и кандидатите за пратеници, и советничката, барем една десетинка да имаат направено од тоа што јас сум го направил во животот за Охрид и за охриѓани, можеби ќе најдат смелост да одговорат на мојата покана за соочување пред очите на охридската јавност. И не само тоа – за разлика од нив, мене политичка партија не ме вработила и јас никогаш не сум сменал политичка партија за лични интереси, додаде кандидатот за пратеник од СДСМ.

Тунтев се осврна и на изборната кампања за претседател, при што потенцира дека Стево Пендаровски покажал дека е висок интелектуалец, голем експерт и докажан патриот, што знае да мисли со своја глава, што умее да комуницира подеднакво со сите и што не му треба никој да зборува наместо него по митинзите.

OhridNews

Реакција на ВМРО ДПМНЕ на пресот на СДСМ