Состојбите во охридското здравство се катастрофални, а тоа посебно важи за охридската Општа болница, изјави на прес конференција Томислав Тунтев, кандидатот за пратеник од коалицијата предводена од СДСМ и председател на ОО СДСМ Охрид.
-Условите во охридската болница се очајни, поразителни и под секакво човечко достоинство, како за пациентите, така и за медицинскиот персонал. Болницата е претворена во партиски штаб на ВМРО-ДПМНЕ, каде што нестручни и несовесни кадри од власта секојдневно практикуваат партиско осветољубие и реваншизам врз политичките неистомисленици. Во болничките одделенија секојдневно се води политика и се врши хајка врз сите што не се партиски послушници на власта, па дури и се суспендираат најдобрите здравствени работници, кои имаат 2 месеци до пензија. За тоа време, трпат и страдаат пациентите, трпат и страдаат роднините на болните, трпат и страдаат лекарите и медицинскиот персонал. – рече Тунтев.
Според него неколку милиони евра народни пари до сега напразно и криминално се потрошени за охридската болница.
– Со наместени партиски тендери, со поништени градежни договори, со долгогодишната задоцнета реконструкција, со купување на несоодветна медицинска опрема од која голем дел се‘ уште е нефункционална. За тоа време, се‘ поголем број лекари си заминуваат од јавното здравство, а условите во болницата за пациентите се се‘ полоши. Манипулациите со цифрите за потрошените средства во охридското здравство ги премина сите граници на професионално однесување. Власта пред 3 години рече дека инвестицијата за општата болница чинела вкупно 4,3 милиони евра, додека за време на минатите избори менаџерите кажаа дека биле потрошени 7 милиони евра. Ако криминалната реконструкција на болницата чинеше неверојатни 3 милиони евра, на охриѓани нејасно им остана каде и за што се потрошени уште цели 4 милиони евра. Сега, за овие избори, кандидатите за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ од Охрид лажно ветуваат дополнителни вложувања од 700 илјади евра што воопшто ги нема во државниот буџет, а во овој момент болницата има блокирана сметка и финансиска загуба од 2 и пол милиони евра. – изјави Тунтев.
Тунтев рече дека состојбата во општа болница секојдневно станува се‘ поалармантна и дека во повеќе одделенија во болницата повторно нема греење во ек на ниски температури, а пациентите се смрзнуваат.
Кандидатот за пратеник Томислав Тунтев рече дека во изборната програма на СДСМ се предвидува бесплатно лекување во болниците, односно ослободување од партиципација на сите здравствени осигуреници.
-Враќање на достоинството на лекарите и зголемување на основната плата на сите здравствени работници. Основните плати на сите здравствени работници ќе бидат двојно зголемени до крајот на првиот мандат. До 2020 година платите на докторите специјалисти во терциерното здравство скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат минимум 100.000 денари, односно 1.600 евра. Покрај тоа, наместо плаќање по учинок, ќе воведеме ефикасен систем на наградување на лекарите. Секоја жена во Република Македонија ќе има свој матичен гинеколог. Ќе ги укинеме одредбите на Законот за прекин на бременоста кои го ограничувааат правото на жените сами да одлучуваат за себе, за својата судбина и за сопственото здравје. Ќе организираме широка експертска дебата за потребите и придобивките од вакцинацијата, заедно со набавка на висококвалитетни вакцини. Квалитетот, а не цената ќе биде клучен критериум при изборот на вакцините. – вели Тунтев.
Меѓу другото програмата нан СДСМ предвидува и формирање Фонд за финансирање на лекувањето во странство на деца до 18 години, кој ќе мора итно да ги носи неопходните одлуки, ослободен од политички и министерски притисоци, рече Тунтев, додавајќи дека ова се само дел од мерките во здравството во Планот за живот во Македонија.
OhridNews