Во секоја нормална демократска држава кандидатите за највисоките општествени функции се појавуваат на националните телевизии на дебати, расправи или дуели и таму ги спротивставуваат своите политички мислења и ставови, пред очите на целата јавност. Очигледно, нашата држава не е нормална демократска држава, затоа што кандидатите од владеачката ДПМНЕ не само што одбиваат и се плашат да се појават на ТВ или радио дуел, туку цело време се обидуваат да манипулираат со јавноста, вели кандидатот за пратеник од СДСМ, Томислав Тунтев.
– Цело време ги кршат и не ги почитуваат законите на оваа држава, затоа што се власт што владее со закани, уцени и заплашување. Вработените во локалната самоуправа и по јавните претпријатија во Охрид деновиве се подложени на невидени притисоци, да носат списоци со гласачи и по секоја цена да гласаат за Иванов. Болниците и училиштата се претворени во партиски штабови на ДПМНЕ, од каде што се издаваат партиски директиви. Плакати од Иванов се лепат насекаде каде што е тоа недозволено и забрането со закон – по сообраќајни знаци, на трансформатори, по бетонски огради. Во екот на изборната кампања се тампонираат и се асфалтираат улици и се изведуваат градежни зафати. На одредени етнички групи им се земаат личните карти и се подготвуваат „бугарски возови“, а црни ауди со затемнети стакла и скопски таблички веќе почнаа да се движат низ селата во општинава. Луѓе се вработуваат во јавните претпријатија и државните установи, волонтерите со сила се тераат да агитираат по домовите на граѓаните, а на сиромашните им се ветува простување на долговите и неплатените сметки, изјави на денешната прес конференција Тунтев.
Според Тунтев, изборната програма на ВМРО- ДПМНЕ е нереална и нуди таканаречени проекти.
– Еве само неколку примери за нивните таканаречени „проекти“: „Инфо средба со млади“ – што подразбирало средби со млади невработени лица; „Дали возам безбедно?“ – тоа значело лепење на налепници на автобусите со текст – дали возам безбедно?; „Соседска патрола” – заинтересирани граѓани да патролирале по улиците за зголемена безбедност; „Како сте?” – полициски службеници ќе посетувале стари лица и ќе ги прашувале како живеат; „На кафе кај соседот” – полициски службеници на покана на граѓаните ќе ги посетувале граѓаните; „Мојот полицаец” – секоја месна заедница или совет на станари ќе имале телефонски број од полициската патрола од реонот. Сето ова, замислете, го крстиле ПРОЕКТИ. Замената за 10 прегорени неонки во една фискултурна сала во училиштето ја нарекуваат Проект за реосветлување на спортски објект, рече Тунтев.
Тој праша каде отишле стотиците ветени, а нереализирани проекти, зошто само пред избори се повторуваат истите проекти. Се осврна и на проектот за скијачки центар на Галичица, за автопатот за Кичево, проектот за експресниот пат за Св. Наум, индустриска зона во Мауцкер.
– За сите овие проекти е задолжена исклучиво централната власт. Па каде беше до сега, цели 8 години, централната власт на ДПМНЕ да ги преземе овие проекти? Зошто до сега не ги реализира? Зошто се чекаат само избори, за да се ветуваат истите работи. Ги видовме ние проектите на оваа власт – Хотелот Славија, кој работеше успешно во текот на целата година, му се продаде на контраверзниот Субрата Рој: денес на таблата пред хотелот стои знакот на Сахара груп, хотелот е затворен и не работи, 20 луѓе останаа без работа, 20 семејства останаа без леб, а Субрата Рој заврши во затвор во неговата земја за финансиски малверзации. Каде исчезнаа ветените луксузни хотели од познатите хотелски ланци? Каде исчезна ревитализацијата на Студенчишкото блато? Каде исчезна ветената сообраќајница од мостот до Горица? Каде исчезна аеродромот на вода? Каде исчезна туристичкиот комплекс во Љубаништа? Зошто охриѓани останаа без болница и соодветна здравствена заштита цели 3 години?, праша Тунтев.
Тој додаде дека за да се врати Македонија во друштвото на нормалните демократски држави, граѓаните во недела треба да гласаат за Стево Пендаровски.
OhridNews
Танасоски: Гласот за Стево Пендаровски е глас за обединување на сите граѓани во Македонија