Скопскиот Основен суд ги ослободи од обвинение поранешниот директор на Агенцијата за обнова и развој, Васил Тупурковски и неговиот заменик Јован Андонов Реган, јавува „Макфакс“.
Судот во петок ја соопшти ослободителната пресуда за случајот „Тајвански кредити”, во којшто му се судеше на поранешниот лидер на партијата Демократска алтернатива и поранешен директор на Агенцијата за обнова и развој, Васил Тупурковски и тогашниот заменик на Агенцијата Јован Андонов-Реган.
Во среда почна повторениот судски процес, но обвинетите останаа на дадените искази дека нема да предлагаат нови докази, а останаа и на истите завршни зборови.
Двајцата обвинети се товареа за злоупотреба на службената положба и дека со одобрување на средства од тајвански кредити ја оштетиле државата за 172. 304.092 денари.
Апелациониот суд најпрвин ја укина пресудата на Основниот суд Скопје 1 со која Тупурковски беше осуден на три години затвор и надомест на штета, а неговиот заменик на две години затвор.
Откако предметот беше вратен на повторно судење, обвинетите добија ослободителна пресуда, па Обвинителството поднесе жалба на оваа пресуда.
Апелациониот суд на второто одлучување, повторно го врати случајот во Основниот суд Скопје 1, со образложение дека пресудата била нејасна и неразбирлива.
извор: „Макфакс“