Македонските туристички богатства се дел од Саемот за туризам „Brussels holiday fair“ кој деновиве се одржува во Брисел, Белгија.

-Тур операторот „Томас Кук“ од Белгија планира да ја зајакне својата соработка со македонските тур оператори, со што Македонија веќе е дел од нивниот продажен каталог за 2016 година. Од „Томас Кук“ велат дека расте и интересот за Македонија од страна и на нивната продажна мрежа во светот, велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.

Во рамки на саемот за туризам во Белгија делегација на АППТ одржала и состаноци и со најголемите Белгиски и Европски туристички организации и асоцијации  како што се Асоцијација на белгиски туристички организации, Европската асоцијација на туристички агенции и тур оператори и Туристичката организација на Белгија, од кои произлегле одлични можности за ширење на мрежата на соработници на Македонија во Белгија.

Амбасадорот на Република Македонија во Белгија, Лазар Еленовски смата дека промоцијата на Бриселскиот саем, значително ќе придонесе за зголемување на бројот на туристи од Белгија, кои ќе бидат заинтересирани да ја посетат Македонија.

-Како и секоја година, така и оваа, Република Македонија учествува на саемот за туризам во Брисел што претставува значаен придонес како за туризмот, така и за целокупната економија. Ова е можност граѓаните на Белгија да се запознаат со туристичката понуда на Македонија која може да им понуди она што белгијците го немаат, изјави Еленовски.

Туристичкиот саем во Брисел е најголем саем за туризам во Белгија каде што својата понуда ја изложуваат околу 500 дестинации од светот.

OhridNews

Association of Belgian Tour Operators