На покана на реномираната компанија за организација на туристички патувања GEGG Reisen, од Австрија,  делегација на општина Охрид учествуваше на Саемот Travel Show, на кој се промовираат ексклузивните тури организирани од оваа Компанија, а воедно се промовираат дестинациите кои се вклучени во нивните програми.

Општина Охрид, заедно со претставници на ХОТАМ, угостителскиот сектор и медиумите, зеде учество на оваа манифестација каде успешно ги промовираше туристичките потенцијали на градот. Делегацијата , предводена од градоначалникот Никола Бакрачески, оствари средби со извршните директори на австриската компанија за организирани туристички патувања , при што беше констатиран интересот на австриските гости за посета на Охрид, а воедно беше договорен и план за натамошна соработка, односно остварување на можноста за организирање на посебна тура кој би била наменета исклучиво за Македонија, со што Охрид би добил уште поголем број на туристи од Австрија кои би оствариле и поголем број на ноќевања во Охрид.

Од претставниците на компанијата GEGG Reisen беше потврден интересот на австриските туристи за посета на Охрид  и укажана потребата за уште поголема соработка со цел зголемување на бројот на туристи и остварени ноќевања  во Охрид преку организираните тури на оваа компанија.

Општина Охрид на својот штанд ги промовираше туристичките потенцијали на Охрид преку туристички пропаганден материјал, како и преку богата трпеза со традиционални охридски специјалитети.

Воедно беше остварена и средба со градоначалникот на Ветманштатен, кој како домаќин го изрази задоволството од  учеството на саемот, и својата поддршка за понатамошните активности во однос на промоцијата на Охрид пред австрискиот туристички пазар.

OhridNews