Дека годинешната туристичка сезона не ги оправда очекувањата потврдуваат и резултатите од анкетата што ја спроведе OhridNews за сопствени потреби. Според истата 39 отсто од граѓаните сметаат дека оваа туристичка сезона е наjслaба до сега, 25 проценти ја оценуваат како лоша, а исто толку како добра, додека 11 отсто се на мислење дека туристичката сезона била одлична. Во анкетата беа вклучени 2301 читател.
На туристичките чинители останува темелно да ги скенираат состојбите и тенденциите во охридскиот туризам, на кој и натаму му недостига вистинска развојна стратегија, иако постојат одредени позитивни движења. Охрид, за жал, сеуште нема препознатлива понуда, автентичен туристички производ кој ќе биде конкурентен на пребирливиот светски пазар, аеродромот „Св. Апостол Павле“ е недоволно искористен, а патната инфраструктура очајна. Колекторскиот систем е во многу лоша состојба, а природното и културното наследство поради кои Охрид и Охридското Езеро пред околу три децении беа ставени на листата на УНЕСКО како светско културно наследство сериозно е загрозено од градежната експанзија. Во градот во кој по дведецениската транзиција многу семејства се свртеа кон туризмот адаптирајќи ги своите домови во капацитети од мал обем, за што во најголем дел ги потрошија своите животни заштеди или кредитно се задолжија, денес според одредени проценки има од 5-7000 викенд станови, а голем дел од нив се издаваат во туристички цели, најчесто незаконски.
Без оглед на очигледните недостаоци, туристичкиот потенцијал на Охрид е исклучително голем, но неискористен. Загрижува инертноста и безидејноста на одговорните институции и немањето програма за долгорочен развој. Во ситуација кога во туризмот и угостителството пенетрираат новопечени газди кои транзицијата преку ноќ ги издигна во височините, а еснафот и институциите на системот не покажуваат доволно креативност и храброст да ги променат процесите и да ги насочат кон подобрување на условите за развој на квалитетен и конкурентен туристички производ, слетување на чартер авион со стотина странски туристи ќе ни биде вест, а не нормална работа и ќе се радуваме на најавите за изградба на елитни туристички капацитети, со надеж дека еден ден некој и навистина ќе ги изгради.