Според планираното инфо-центарот ќе биде ставен во функција пред почетокот на наредната летна сезона.
-Во овој инфо центар, туристите ќе можат да се распрашаат и да ги добијат сите сервисни информации за Охрид. Значи сместувачки капацитети, културно-историски споменици, места кои што може да се посетат, плажи, ресторани и слични информации. Oсвен за туристите, инфо центарот ќе биде од полза и за сите туристички чинители од градот, кои тука ќе може да остават свои промотивни материјали. На објектот, кој е со интересна форма и дизајн, ќе биде поставена голема светлосна реклама, така што истиот ќе биде лесно воочлив за туристите.-вели Гоце Симоноски, раководител на секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид.
Тој најави дека вакви информативни објекти, ќе бидат поставени и на плоштадот, непосредно до трговскиот центар „Летница“ и на влезот во Охрид од страната на Битола.
Инаку овие инфо-центри требаше да започнат со работа пред почетокот на изминатата туристичка сезона, но тендерот за набавка на куќичките задоцни поради предизборната кампања за Парламентарните избори.