Од Општина Охрид информираат дека активностите за уредување на основната инфраструктура на инфо центарот се веќе при крај и дека деновиве треба да се започне со уредување на внатрешноста на објектот и хортикултурно уредување на неговата околина.
-Со отварањето на инфо центарот, туристите ќе можат да ги добијат сите потребни информации на самиот влез во градот. Значи ќе можат да се запознаат со сместувачките капацитети на крајбрежјето, културно-историските споменици, места кои што може да се посетат, плажи, ресторани и слични информации. Освен за туристите, инфо центарот ќе биде од полза и за сите туристички чинители од градот, кои тука ќе може да остават свои промотивни материјали, велат од Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид.
Оттаму објаснуваат дека вакви информативни објекти, планирано е да бидат поставени и на плоштадот, непосредно до трговскиот центар „Летница“ и на влезот во Охрид од страната на Битола/
Инаку овие инфо-центри требаше да започнат со работа пред почетокот на изминатата туристичка сезона, но тендерот за набавка на куќичките задоцни поради предизборната кампања за Парламентарните избори.