Дел од сопствениците на охридските туристички агенции велат дека агенција-домаќин најчесто немаат тур-операторите од Србија, Бугарија и Грција.
– Турператорите од соседните земји речиси воопшто не соработуваат со нас. Значи за да не ја делат својата заработка тие сами си склучуваат договори со хотелите, сами организираат програма за ескурзии и посети и сами ангажираат туристички водичи. Значи овие туристички агенции буквално ”ни го јадат лебот” и заработуваат од сите туристички потенцијали кои ги има Охрид односно Македонија, додека ние кои егзистираме од туризам тука, не можеме да земеме ни мал дел од туристичкaта заработкa, вели сопственик на една туристичка агенција од Охрид.
Тој нагаласува дека позитивен пример за соработка со македонските туристички агенции се тур-операторите од Бенелукс и Финска кои имаат ангажирано ин-каминг агенции во Македонија, за потребите на своите туристи.
Нашиот соговорник смета дека причината за тоа што домашните агенции се ставаат настрана е фактот што ниту една законска регулатива во Република Македонија не ги обврзува странските туристички агенции да имаат домашна сервис агенција, кога носат групи на туристи во македонските туристичките центри.
-Нам законите и правилниците не притискаат да имаме услови, вработени, да вадиме голем број лиценци за работа, а од друга страна не сме никако заштитени. Значи прометот ни се одзема, не можеме продуктивно да работиме и да го контролираме пазарот тука, а ние сепак сме домашни агенции, велат охридските туристички оператори.
Тие очекуваат дека во најскоро време ќе се организираат во некој вид на здружување и заеднички ќе побараат помош од надлежните за надминување на овој проблем.