Туристичките работници имаат различен став за евентуалното влијание на светската економска криза врз туризмот во Македонија.  

Македонскиот пазар е позатворен и не верувам дека посериозно ќе се одрази финансиската криза на развојот на туризмот во земјата. Законот за субвенционирање ќе ги поттикне странските туроператори да дојдат во Македонија и очекувам наредната година да биде многу поуспешна, вели Бранко Босилков –претседател на Здружението на туристички водичи на Македонија.

Спротивно на него, познатиот туристички работник од Охрид, Перо Јакимов од агенцијата „Генералтурист“  смета дека глобалната финансиска криза ќе се почувствува во Македонија, но наредната година.

– Сега би биле несериозни пред Нова година  да зборуваме за тоа, бидејќи менталитетот на балканецот е славенички. Охрид за новогодишните празници уште сега е исполнет 80%, а дали и колку светската економска криза ќе се одрази на туризмот во Македонија ќе видиме во 2009 година, вели Јакимов.

Г.М.