Децата питачи се честа слика на улиците по градовите, а во летниот период голем дел од нив организирано со возила се носат во Струга и Охрид каде питачат за време на туристичката сезона, постојано вознемирувајќи ги гостите. Нивниот број варира, но некогаш достигнува и до неколку стотици велат од струшкиот центар за социјална работа.

–Овие деца заедно со нивните родители се носат организирано во Струга. Престојувалиштето не им се се знае, дали доаѓаат секојдневно од другите градови или непријавени престојуваат преку ноќ тука и утредента пак излегуваат на улица. – вели Беким Баута од Центарот за социјална работа во Струга.

На улица најмногубројни се децата од ромската заедница на возраст од 7 до 14 години, најчесто од дисфункционални семејства, кои се злоупотребуваат на разни начини, предупредуваат стручните лица.

-За жал детскиот труд е експлоатиран при вршење на легални работи како свирење музика, миење автомобили и слично, но и при нелегални работи како питачење, продажба на дрога, проституција и криминал. – истакна Катерина Талеска Скепароска – oд Центарот на заедницата на општина Струга.

Со цел да се намали питачењето кое претставува грда слика за време на туристичката сезона и да се заштитат децата од злоупотреба, општина Струга формира координативно тело во кое партиципираат претствници на сите надлежни институции вклучително и полицијата. Ова тело, како што беше истакнато на панел дискусијата одржана деновиве, ќе има задача да врши надзор, спречување и отстранување од улиците на лицата кои ќе бидат затекнати при вршење питачење на подрачјето на општина Струга.

Г.М.