Претставници од дејностите дирекно засегнати со Законот за работни односи за недела неработен ден остварија средба со градоначалникот Кирил Пецаков. Целта на средбата беше изнаоѓање решение за проблемот со кој туристичко- услужниот сектор се соочува откако стапи во сила Законот според кој недела е неработен ден за сите.
На средбата беше потенцирана поддршката која Општина Охрид ќе ја даде, а од претставниците на дејностите беше побарано во наредниот период да излезат со заеднички заклучок кој ќе биде доставен до институциите и до надлежната Комисија, без разлика дали тоа би се однесувало на измена на Законот или ново законско решение или пак ќе се најде некој сосема друг начин. Битно е, рече Пецаков, дека Охрид има проблем со тоа што во недела не се работи, посебно во перидот на редовната туристичка сезона.
Би сакал да излеземе во пресрет како Општина и лично да учествувам во тој процес за да бидат задоволни не само туристите, туку и давателите на услуги во туризмот. Факт е дека Охрид и надвор од туристичката сезона е посетуван град во недела како ден и од странските соседни држави, а секако и од околните градови, а сега чаршијата изгледа така како што изгледа. Верувам дека со заеднички сили и напори ние како институција Општина Охрид, сите засегнати страни и Владата ќе најдеме некое заедничко решение кое во најмала рака ќе биде задоволувачко за сите, рече Пецаков.

Ако од понеделник до петок се прави некој обрат во туризмот за сабота и недела се најмалку дупло од било кој друг ден во текот на неделата. Треба да се направи обрт за да се направи достоинствена плата која треба да ја платиме на вработените што во последно време се наметна без многу пресметувања дали е тоа можно во оваа економија или не, од друга страна ние затвораме и не му даваме право на било кој во овие гранки да работи во недела, како би створиле поголем обрт со кој би можеле да ги плаќаат вработените не само минимални плати од 18.000 денари, него се надеваме на 25 и на поголеми пати, рече Блажески.

Тоа што сакаме да го истакнаме е тоа што со тоа трпи и македонскиот и охридскиот туристички производ кој е составен од плејада на различни услуги и различни чинители кои го градат тој систем. Се соочуваме со проблеми во недела не можеме да создадеме една програма којашто би ја понудиле на нашите клиенти, едноствно неможеме да добиеме фит бек од оние кои не ангажираат, се затворени туристичките агенции, ако треба да ги упатиме во нив се затворени, продавниците се затворени, занаетчиите, најмногу трпат трговците поединци. Од друга страна во нашиот регион не се ни размислува на едно вакво законско решение една Албанија, Грција, Бугарија, Србија, Косово, Хрватска, тие одадат и дотаму да дваат и дополнителни бенефиции на сите чинители коишто се во туризмот. Со ова исто така ќе се разјаде и работничкото јадро во туризмот, бидејќи ќе дојде до една дополнителна флуктоација на работната сила во соседните региони, бидејќи работодавачите нема да бидат во можност доволно да ги платат, веќе им се скратува можноста да заработата доволно средства за да можат да ги платат своите вработени и веќе влегуваме во еден магичен круг, во кој доколку не се направат одредени измени во овој Закон, последиците ќе бидат навистина многу негативни и далекусежни, нема да можеме да се ослободиме од овие проблеми на многу долг рок, потенцира Наумов.

Трпиме ние штети, а трпи и туризмот. Имиџот на Охрид е паднат со ова, одиме чекор назад. Долги години кога се работеше на туризмот да се направи еден вид елитен туризам, во моментот заради донесување Закон донесен на брзина, доаѓаме во ситуација и Охрид да се стави во кош со сите други градови. Охрид работи за време на викенди во високо туристичка сезона и во продолжени викенди, рече Бакалова.
Михаил Мишев, претседател на Здружение на угостители „Охридски Еснаф“ вели дека поддршката од угостителскиот сектор за дополнување на законот е јасна бидејќи самата природа на работата налага дека недела е навистина ден кога оние кои не се на работа ќе дојдат да го посетат Охрид, без разлика дали се работи за гости од околните градови или гости од соседните држави. Тоа значи природно е охридскиот туристички регион да биде отворен за таквите гости и во недела.
На средбата беше заклучено дека градоначалникот ќе застане и ќе го поддржи заедничкиот официјален документ на сите даватели на туристички услуги и ќе лобира до надлежните владини институции со цел да има измени или отстапувања од Законот според кој недела е неработен ден. Измените би се однесувале за лицата кои работат во туристичко – угостителските и продажни дејности во туристичките центри во државава кои во период мај – октомври би работеле и во недела.
Н.С.Ј.













