Големата врамена фотографија од Јосип Броз –Тито која стои на ѕидот во продажниот салон на охридската фирма за производство на пластични производи „Лихнида“ во Охрид, често пати го привлекува вниманието на туристите кои пазаруваат во оваа продавница или минуваат покрај неа.
Вработените во продавницата, која е лоцирана во непосредна близина на автобуската станица велат дека странците најчесто се распрашуваат кој е човекот на фотогртафијата, додека пак од македонците често добивале пофални зборови дека сеуште ја чуваат оваа слика.
-Кога ќе им објасниме кој е човекот на сликата веднаш ја фотографираат или се фотографираат покрај неа. Но има и странци од повозрасните генерации кои го препознаваат Тито. Исто така сликата често ја фотографираат и млади македонци кои не живееле во времето на поранешна СФРЈ, раскажуваат вработените во продавницата.
Тие објаснуваат дека сликата сеуште ја чуваат на ѕидот поради носталгија по едно убаво време.
-За наша среќа нашата фирма е една од ретките која води потекло времето на поранешната СФРЈ, а продолжи да работи. Генерациите кои живееја во времето на поранешна Југославија добро знаат дека тоа беше период со многу малку грижи и време на еден добар живот за сите. Токму во чест на тоа време ја чуваме оваа слика, нам не ни пречи, а дополнителен мотив е тоа што многу често го привлекува вниманието на туристите, велат вработените во продавницата.
Портрет сликите на претседателот на поранешна Југославија, Јосип Броз –Тито во минатото беа неизоставен дел од ѕидовите на канцелариите, училиштата, јавните установи, фабриките, продавниците па дури и во кафеаните.
Јосип Броз Тито бил југословески комунист и доживотен претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Toj бил генерален секретар, а подоцна и претседател на Комунистичката партија на Југославија од 1939 до 1980 и ја предводел Југославија во Втората светска војна. По војната e назначен за премиер на Југославија, а подоцна и претседател на државата. Од 1943 до неговата смрт Тито бил одликуван за единствен Маршал на Југославија и врховен командант на југословенската народна армија.
Титовото владеење се потпирало на постојано јакнење на култот кон неговата личност, почнувајќи од времето на Втората светска војна, па сè до смртта во 1980 година. Изградбата и промоцијата на култот кон Титовата личност во периодот на неговото владеење била во две насоки: Справување со политичките и идеолошките противници и Континуирана промоција на успесите и визионерството преку образованието и медиумската пропаганда.
Подржувачите на Тито често пати го споменуваат фактот дека во време на Тито Македонија за прв пат добила државност и културна самостојност како Сојузна Југословенска Република.
Е.М