Комплексот Свети Наум, катедралната црква Света Софија, Канео, црквата Света Богородица Перивлепта, езерото- без исклучок го воодушевуваат секој турист кој го посетил Охрид и неговата околина, едногласни се туристичките водичи кои ги пренесуваат впечатоците со кои најчесто од Охрид си заминуваат гостите.


Тие се пријатно изненадени од убавините со кои располага нашата земја. Пред се, воодушевени се што како ретко каде, на едно место можат да видат прекрасни планини, езеро и град со богата култура и историја. Доколку имаат можност да вкусат домашно подготвената храна тоа само го надополнува нивниот позитивен впечаток при престојот во Македонија и Охрид, вели туристичкиот водич Даниел Медароски.

Иако позитивните впечатоци на гостите се многубројни, не е мал бројот на негативните критики упатени кон лошата инфраструктура, отсуството на јавни тоалети, комуналната хигиена во околината на градот, како и бучавата која доаѓа од бројните кафулиња, особено во летниот период, потенцираат нашите соговорници.


За жал поради лошата инфраструктура Охрид сеуште го посетува релативно мал број гости. Дел од туристите кажуваат дека поради овој проблем подолго време размислувале дали во рамки на нивното патување да го вклучат и нашиот град како дестинација која ќе ја посетат, нагласува туристичкиот водич  Елена Лотеска Наумовска.

Прегласната музика од кафулињата и летните тераси очигледно не ги мачи само охриѓани. Најострите критики од страна на гостите доаѓаат токму поради бучавата.   

Забелешките на туристите се токму поради прегласната музика во локалите низ градот, но и на плажите. Сметаат дека не е оставен простор на крајбрежјето каде што би имале можност да уживаат во самата природа. Мора да водиме сметка дека гостите кои престојуваат во Охрид доаѓаат тука токму поради потребата да се одморат од напорните работни обврски преку годината и со желба да уживаат во природата, мирот и тишината, вели Андријана Башоска.

Туристичките водичи додаваат и дека треба малку повеќе да се поведе сметка за храната која се нуди во охридските ресторани, бидејќи таа во најголемиот дел од нив е речиси идентична. Изборот се сведува на скара или на италјанска храна која се нуди во пицериите кои ги има на секој чекор, велат тие.


Понудата на храна во најголемиот број од охридските угостителски објекти  се состои од скара, италјански пици, а многу малку традиционална македонска храна. Кога ќе го посетат пазарот во Охрид туристите се навистина воодушевени од богатата понуда на најразновиден зеленчук и овошје. При тоа, се изненадени што во рестораните многу малку се нуди од тоа што е автентично во нашата земја, вели Катерина Василеска.

Сублимирајќи ги позитивните и негативните впечатоци, се наметнува заклучокот дека Охрид полека, но сигурно станува позната туристичка  дестинација. Сепак, за да може рамноправно да им конкурира на познатите туристички центри во регионот и пошироко, надлежните ќе мора да вложат уште многу напор.

Т. Кувенџиска