Македонскиот актер и стендап комичар Никола Тодороски успешно ја заврши меѓународната мини турнеја, која неодамна ја најави со настап во култниот охридски клуб „JAZZ INN“.


Се искачува по скалите на светскиот успех – Никола Тодороски

-Имав настап во Софија, Славјанска Беседа, каде настапував на бугарски јазик. Настапот помина одлично и беше во организација на мојот пријател и колега Иван Кирков кого публиката неодамна имаше прилика да го види во Охрид и Битола. Од Софија имав три фантастични настапи во Лондон. Еден од најважните настапи во склоп на оваа мини турнеја беше во светски познатиот стендап клуб „THE COMEDY STORE – LONDON“, каде настапувале светски познати имиња како Робин Вилијамс, Џери Сајнфилд, Крис Рок, Еди Изард и др. – изјави Никола, кому ова му е втор настап во овој светски познат клуб.

Турнејата Никола ја заврши повторно во Македонија, со настап во познатиот клуб „АПОРЕА“ во Прилеп.

Да се настапува на други јазици покрај мајчиниот е голем предизвик, вели Никола. „Тоа во стендапот е многу тешка работа. Кој пробал знае. До сега сум настапувал на Македонски, Бугарски, Српско-хрватски и Англиски јазик. Сакам да ме види што поразлична и помногубројна публика. Многу ми е кеиф што извезуваме нешто толку убаво како хумор.“ -додаде Тодороски.

Следно Никола Тодороски најавува турнеја низ Македонија со последното стендап шоу „ДЕЛИРИУМ“ кое беше премиерно изведено овој август во Охрид. 

OhridNews