Екипата на “Бел Мерцедес” која според официјалниот распоред вечерва требаше да одигра три натпревари на турнирот во мал фудбал “Петровден” – Мешеишта, не се појави на теренот. Организаторите согласно пропозициите на турнирот ја суспендираа екипата, а неодиграните натпревари се регистрирани со службен резултат.

Традиција долга 51 година не се гради со отстапки, туку со принципи. Овој турнир претставува вистинска спортска институција токму поради тоа што бескомпромисно го штити интегритетот на играта, велат од организацискиот одбор на турнирот кој вечерва се огласи со соопштение во кое се образложени донесените одлуки.

Ве информираме дека екипата на „Бел Мерцедес“ нема да се појави на закажаните натпревари и со тоа нивното учество е завршено.

Организацискиот одбор уште еднаш јасно го потврдува својот дециден став: По официјалното објавување на конечниот распоред – промени нема!

Натпреварувањето се одвива според стандарди каде правилата важат апсолутно подеднакво за секоја екипа на теренот. Ниту еден тим, без разлика на името и реномето, не може да биде над правилата, над 51-годишната историја и над почитта кон публиката, се вели во соопштението.

Турнирот продолжува во петок, 26 јуни, со три натпревари од фазата по групи.

За резултатите од натпреварите редовно ќе информираме во спортската рубрика.

Г.М.