За субвенционирање на организираниот странски туристички промет во текот на 2014 година, планирано е да се потрошат над 2,5 милиони евра или точно 155 милиони денари. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија информираат дека средствата за субвенции за туроператори кои носат странски туристи во нашите туристички капацитети, се двојно зголемени во однос на минатата година.

-Субвенција можат да остварат организатори на пакет аранжмани за странски туристи кои вклучуваат: Престој во Македонија со најмалку остварени три ноќевања со доручек, во сите сместувачки капацитети во кој професионално се нудат угостителски услуги, како и за организиран групен превоз, со посебно закупени автобуси, авиони или закупени минимум десет места во воз од местото на поаѓање на групата до местото на користење на услугата во сместувачкиот објект и враќање на групата на иста релација, појаснуваат од АППТ.

Од таму инфомираат дека сезоната за чартер летови до Охридскиот Аеродром „Свети Апостол Павле“ и годинава започнува во месец мај и ќе трае до месец октомври.

-Во текот на овој период според најавите, чартер летови до Охрид ќе имаат авио компаниите: „Air Serbia“, „Arke Fly“, „Jetair Fly“, „Helvetic“ и „Corendon“, велат од АППТ, додавајќи дека немаат точни податоци за износот на финансиски средстава со кои годинава ќе се субвеционираат овие летови, бидејќи за тие субвеции задолжено било Министерството за транспорт и врски.

Е.М