Претставниците на турската етничка заедница во Македонија ја напуштија работата на Државната пописна комисија незадоволни од начинот на кој се носат одлуките во врска со Пописот на населението што треба да се одржи во април оваа година. Членовите на Државната пописна комисија од турската етничка заедница, Хавза Реџеп Каќел и Сали Мурати упатија отворено писмо до јавноста во кое ги објаснуваат причините за напуштањето на работата на комисијата, која ја напуштија и претставниците на албанската етничка заедница. Во дописот стои:

Поаѓајќи од фактот дека пописот на населението претставува најзначајна и најмасовна статистичка операција ,а со цел да се обезбеди транспарентност на процедурите и постапките во реализација на пописот, неутралност и објективност во сите негови фази како членови на Државната пописна комисија крајно одговорно и професионално се залагаме сите одлуки на комисијата да се донесат со консензус што налагаше и Деловникот за работа на Државната пописна комисија.
   
Ваквиот дух на меѓусебна доверба резултираше со висок степен на усогласеност по бројните прашања разгледувани на седниците на Државната пописна комисија се додека на дневен ред не се најде прашањето за бројот и структурата на попишувачите и инструкторите на пописните реони.
   
Членовите на Државната пописна комисија од мнозинската етничка заедница упорно форсираа концепт кој не овозможуваше реална диструбиција на попишувачите и реонските инструктори и дирекно го дерогираше начелото на правична и соодветна застапеност на заедниците на ниво на пописен реон на што на што поголемиот дел од претсавниците на немнозинските заедници во Државната пописна комисија аргументирано се спротивставија .

За жал одлуката беше донесена без согласност на албанските и турските претставници на комисијата и со воздржаност на ромскиот претставник поради што бевме принудени да ја напуштиме седницата на комисијата.
   
Доколку се има предвид дека ваквите одлуки можат сериозно да влијаат на објективноста на овој процес нашето натамошно учество во работата на Државната пописна комисија би било беспредметно доколку не се постигне консензус и по ова прашање.

Длабоко сме уверени дека Државната пописна комисија има капацитет да се справи со овој проблем се со цел пописот да се реализира во предвидениот рок и да биде објективен приказ на демографската структура на Р. Македонија. – се вели во соопштението на членовите на Државната пописна комисија од турската етничка заедница,  Хавза Реџеп Каќел и Сали Мурати.

OhridNews