Министерството за транспорт и врски покрена тужба против германскиот регистер на бродови „Лојд“, поради тоа што компанијата предвреме го раскинала договорот за вршење технички преглед и сертифицирање на македонските бродови.

-Германски лојд ги откажа своите услуги 15 дена пред истекот на рокот за технички преглед на бродовите во Македонија, поради што ние покренавме судска постапка против компанијата, која согласно договорот што таа го имаше склучено со Република Македонија, е должна евентуалното откажување на услугите да го најави една година порано, ни изјави Љупчо Настоски.

Тој истакна дека во официјалното образложение на одлуката компанијата го информирало Министерството за транспорт дека заради економската криза и намалување на бројот на вработени не е во можност повеќе да ги врши услугите во Македонија. Настоски ги советуваше охридските бродари доколку се во можност и тие да го тужат германски „Лојд“ за неизвршените услуги.

Раководителот на Капетанија објанува дека новиот регистер, француската компанија „Биро Веритас“ била единствена која прифатила да врши прегледи на македонските бродови. Тој рече дека државата нема обврска да обезбедува регистер на бродови, но дека тоа го направила за да им помогне на македонските бродари. Настоски додаде дека државата ќе прифати техничкиот преглед и регистрацијата да ја врши и друга компанија доколку таа ги исполнува европските директиви, посочувајќи дека „Биро Веритас“ е меѓу трите најреномирани светски регистри на бродови.


Настоски ги отфрли обвинувањата на дел од бродарите дека цената на услугите на „Биро Веритас“ се движи околу 7 500 евра годишно, посочувајќи дека бродарите треба да платата еднократно 5600 евра за упис во регистарот, а за секој технички преглед ќе треба да издвојат по 1660 евра но на секој три години, а не годишно. Тој кажа дека ова ќе им го појасни и на охридските бродари со кои требаше да се сретне синоќа. Нив им останува уште еден месец да ги регистрираат бродовите бидејќи веќе изминале два од максималните три месеци колку што законски може да се пролонгира техничкиот преглед. Како што неофицијално дознаваме на синоќешниот состанок не дошло до поместување на ставовите по што Капетанијата им изрекла времена мерка Забрана за пловидба на охридските бродови

Доколку не ги почитуваат законските одредби и не извршат технички преглед бродарите ппокрај за забрана за пловење ризикуваат да им биде изречена и глоба која за правни субјекти изнесува до 8000 евра.

OhridNews