Во екот на летната туристичка сезона, кога се бележи зголемен обем на туристички услуги и приходи, Управата за јавни приходи (УЈП) започна информативна кампања под мотото „Фер туризам започнува со пријавен доход“, насочена кон поттикнување на доброволната даночна усогласеност и обезбедување еднакви услови за сите учесници на пазарот.

Како што соопшти УЈП, активностите се фокусирани на приходите што физичките лица ги остваруваат од краткотрајно издавање сместувачки капацитети – апартмани, станови, куќи, викендички, соби и слично, како и од други сезонски дејности поврзани со туризмот.

Во рамки на кампањата, Управата спроведува повеќе паралелни активности, меѓу кои се објавување практични насоки за пријавување на доходот, директна комуникација и поддршка за даночните обврзници, размена на информации со други државни и локални институции, анализи на ризик и насочени контроли, како и информативна кампања преку медиумите и социјалните мрежи, се вели во соопштението.

Од УЈП истакнуваат дека целта не е само да се укаже на законските обврски, туку и да им се помогне на граѓаните навремено и правилно да ги исполнат. Според Управата, доброволната даночна усогласеност е основа за фер конкуренција, еднакви услови на пазарот и поголема доверба во институциите.

Во соопштението се потсетува дека секој приход остварен од издавање сместувачки капацитети подлежи на оданочување согласно законските прописи, при што сите лица кои остваруваат ваков вид доход се повикуваат навремено да ги исполнат своите даночни обврски.

УЈП најавува дека и во наредниот период ќе продолжи со ризично базирани анализи и насочени контроли со цел доследна примена на законите и спречување на нелојалната конкуренција кон даночните обврзници кои совесно ги исполнуваат своите обврски.

За полесно исполнување на даночните обврски, Управата објави и информативна брошура „Фер туризам започнува со пријавен доход“, во која се содржани практични насоки за пријавување на приходите од туристичка дејност.

Г.М.
Фото: Архива