Во Охрид речиси и да нема место каде што се негува изворниот македонски мелос, предупредуваат професионалните музичари. Според нив музичката понуда на Охрид неретко се граничи со невкус и не му доликува на градот кој некогаш беше препознатлив по староградската музика.


Проблем не е само каква музика се свири или пушта, туку како таа се презентира, вели претседателот на здружението на музичарите од Охрид, Менде Баракоски.

– На плоштадот треба да се слуша летот на птиците, не да се слушаат дваесет музики. Тоа е страшно и не може човек да го опише. Од една страна слушаш една музика, од другата друга, од кафетериите трета, во населено место има диско. Тоа е една какафонија која не е во ред и нешто треба да се направи Охрид како што воодушевува со културно-историските споменици така и да гали со музиката, вели Баракоски.

Според Баракоски градот треба да обезбеди едно место каде што цело време ќе се свири староградска музика, со соодветна промоција и реклама која ќе допре до гостинот кој сака да чуе изворна македонска музика.

– На есен некој кој е одговорен треба да ги собере сите кои нудат македонска музика во угостителските објекти и да се направи стратегија што ќе им се понуди на гостите, додава Баракоски.


И професионалните музичари признаваат дека во понудата на охридските ресторани доминира комерцијалната музика, а неретко и шундот, за сметка на автентичниот староградкски мелос кој се помалку се негува.

– Во туристичката сезона сите сакаат да спечалат пари и се продава се и сешто, не само од музика туку и угостителство и друго, вели виолинистот Лазе Јанкулоски. 

Сепак, додава Јанкулоски, во Охрид има места каде се свири убава македонска музика, но таа се меша со комерцијалната. Според него сопствениците на рестораните и музичарите треба да поработат на зачувувањето на староградската музика која треба да биде дел од туристичката понуда на Охрид.

Ohridnews